Грција нa секој Германец му должи по околу 700 евра

Доколку бидат исполнети грчките барања за отпишување на долгот кон меѓународните кредитори секој граѓанин на Германија ќе изгуби по околу 700 евра.

Ова е заклучокот од истражувањето на организацијата „Отворена Европа“ во кое се анализира кому и колку должи грчката држава.

Со 56 милијарди евра или 27 отсто од вкупниот долг кон земјите членки и Европската унија тежок 246 милијарди евра заем Германија е прва на листата на индивидуални земји кредитори. Втора е Франција со 42 милијарди заем, на трето место е Италија со 37 милијарди, следува Шпанија со 25 милијарди и итн.

Најголемиот заем за Грција кај институциите е даден од заедничкиот фонд за спас на Европската унија. Европската Централна банка и другите централни банки од Еврозоната дале 27 милјарди евра за спас а Меѓународниот монетарен фонд како трет член на т.н. „Tројка“ дал 28 милијарди евра заем за Грција.

Европската централна банка веќе изјави дека простувањето на грчкиот долг е нелегално и ја очекува ратата во висина од 6,7 милијарди евра што Грција треба да ја плати до август.

Меѓународниот монетарен фонд исто така не сака да разговара за олеснување на условите за Грција. Во минатото дури и земјите кои што банкротирале поради долгот кон ММФ како на пример Аргентина подоцна морале да го платат долгот целосно.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.