Балкан

Грција не избра претседател во првиот изборен круг

Грција не избра претседател во првиот изборен круг

Грчкиот парламент не успеа да избере нов претседател на државата во првиот круг од претседателските избори, јавува дописникот на Нетпрес од Атина. Со 160 гласа за и 135 против, грчкиот Парламент не му ја даде потребната поддршка од 200 гласа на единствениот кандидат на владеачката коалиција Ставрос Димас.

Повторен обид за избор на Димас ќе има за пет дена во вториот изборен круг, но речиси е извесно дека ни тогаш нема да ја добие потребната поддршка од 200 пратеници.
Сите надежи на владеачката коалиција се насочени кон третиот и последен круг на 29 ти месецов, кога поддршката неопходна за избор на претседателот се намалува од 200 на 180 пратеници.

Доколку се остварат најавите на сите партии кои што најавија дека воопшто нема да му дадат поддршка на Димас, тогаш извесно е дека во рок од 10 дена по третиот изборен круг ќе бидат распишани предвремени парламентарни избори. Сепак останува отворена и можноста меѓу-партиското пазарење во последен момент да резултира и со избор на Димас.

Тој доаѓа од редовите на Неа Димократиа на Самарас, а македонската јавност го помни како шеф на грчката дипломатија во периодот кога судот во Хаг ја донесе пресудата во постапката против Грција.