Грција нема да банкротира: Финансиската помош продолжува уште четири месеци

Земјите-членки на Еврозоната, вечерва постигнаа договор за продолжување на програмата за финансиска помош на Грција за уште четири месеци, јави МИА.

Овој договор беше постигнат на денешниот вонреден состанок на Еврогрупата, составена од 19-те земји во Еврозоната, а по десетдневно преговарање со новата грчка Влада.

Според информациите од вечерашниот состанок, што беа потврдени во соопштението лиферувано подоцна, договорот на Грција со Еврогрупата е постигнат по неколку посебни состаноци меѓу германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, неговиот грчки колега Јанис Варуфакис, претседателот на Еврогрупата Џером Дијселблом, првата дама на Меѓународниот монетарен фонд, Кристин Легард и еврокомесарот за економски и финансиски прашања, Пјер Московиси. По овие состаноци, сите 19. министри за финансии во Еврозоната ја донесоа одлуката да се постигне нов договор, кој значи дека до понеделник, Грција ќе мора до Еврогрупата да испрати документ во кој ќе бидат наведени сите мерки што планира да ги превземе до крајот на програмата за финансиска помош и што ќе превземе обврска да ги спроведе.

Договорот со Хеленската република ја отстрани непосредната опасност Грција да остане без пари на почетокот на идниот месец, кога истекува сегашната програма со меѓународната Тројка на кредитори (Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд).

Во соопштение лиферувано до јавноста, Еврогрупата го потврди договорот со грчките власти, соопштувајќи дека новата влада на чело со ултралевичарот Алексис Ципрас, и покрај предизборните ветувања за укинување на мерките за штедење, сепак, “силно се обврзала на понатмаошни и длабоки структурни реформи со цел подобрување на економскиот раст и обезбедување на финансиска стабилност, со имплементирање на реформи за борба против даночната евазија и ефикасност на јавниот сектор“.