Грција неможе да ги исполни барањата на кредиторите

Откако тројката меѓународни кредитори ги одби последните предлози на Грција, коалициската Влада е под огромен притисок и од неа е побарано да достави нов предлог за покривање на буџетскиот дефицит за 2015 година.

Како што пренесе МИА, на 19 декември Еврогрупата ќе го одржи последниот состанок за годинава, и тогаш е последната можност да ја одобри „претпазливата кредитна линија“ (ECCL) или да ја продолжи тековната програма пред Европскиот парламент и Комисијата да престанат со работа за време на празниците.

Најновите проценки на тројката укажуваат на тоа дека буџетскиот дефицит за 2015 година ќе биде околу три милијарди евра, и покрај укинувањето на контроверзните 100 рати на данокот за имот ЕНФИА. Тројката побара критериумите за средства и приходи да бидат регулирани со законски прописи, како и намалување на бројот на рати до 72.

„То Вима“ пишува дека наспроти ова, извори од Министерството за финансии тврдат дека „во преговорите не постојат граници“ и не ги прифаќаат оценките на тројката. Исто така, тие најавуваат дека Владата нема намера да изврши никакви промени во законодавството, туку ќе спроведе мерки за шетедење во јавните претпријатија и локалната власт.

Со истекот на времето и несигурноста во врска со претходно склучениот договор, се чини дека во петок коалициска Влада ќе поднесе буџет без одобрение на тројката, втора година по ред. Најновите информации покажуваат дека буџетот за 2015 година ќе обезбеди примарен суфицит од 1,8 проценти од БДП за 2014 и три отсто за 2015 година