Грција нуди 13 атрактивни плажи под закуп

Грчкиот Фонд за приватизација на државниот имот (ТАИПЕД)  нуди на долгогодишен закуп 13  најатрактивни плажи.  Меѓу нив се некои од најдобрите плажи на островите Родос, Елафонисос, Симос и Саракинос, но и плажи на Халкидик и во близина на Солун како и  плажата во Аспровалта, „Агиос Јоанис“ на Ситонија, како и плажата „Агија Тријада“ во близина на Солун.

Меѓу огласените плажи се и две на островот Елафонисос во близина на Пелопонез, како и неколку на островите Симос и Саракинос. Наведените плажи се под заштита на Европската Унија поради уникатниот жив свет и околината.

На потенцијалните закупувачи им се нудат и плажата „Афанту“ на островот Родос, како и „Термисија“ на Ермиони во близина на Пелопонез.

Закупот на плажите е во траење на  50 години, а закупувачите ќе можат да наплаќаат влез, да изградат сместувачки и угостителски објекти, како и да ги уредат според сопствена волја.

Грчките медиуми јавуваат дека токму на овој дел најмногу се бунат грчките организации за заштита на животната средина и граѓаните на Грција. Тие сметаат дека со ваква приватизацијата на плажите ќе се уништи морскиот брег, а посетителите и туристите ќе бидат обесправени бидејќи закупците ќе имаат ексклузивно право да го ограничат пристапот до нив.