Грција отворено застанува зад СДСМ, оти имале „одговорен став“ за името

Зошто ставовите на СДСМ за името му одговараат на јужниот сосед, а позициите на ВМРО-ДПМНЕ им пречат?

Грција се поотворено застанува на страната на македонската опозициска партија, истовремено критикувајќи ја македонската Влада, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.

Во анализа на грчката Фондација за европска и надворешна политика ЕЛИАМЕП, авторот го фаворизира СДСМ наспроти ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека нивните ставови за името биле „одговорни ставови“. Политиката на премиерот Никола Груевски пак, во однос на името, според Грците, не гледала на долг рок, а не им се допаѓа ниту фактот што владеачката партија не отстапува од тоа за решението да одлучи исклучиво народот преку референдум.

Предмет на анализата на грчката Фондација е и предлогот Република Горна Македонија ерга омнес, националност граѓани на Горна Македонија, а јазик Македонски, но со алтернатива да се користи македонска транскрипција. Предлогот го оценуваат како прифатлив за Грција, но проблем била владејачката партија во Македонија.

„Овој предлог веројатно звучи разумно и не изгледа дека претставува сериозна опасност за грчката страна. Сепак и доколку ова предизвика успешен напредок во преговорите, сериозни проблеми може да создаде позицијата на господинот Груевски дека секое решение мора преку референдум да биде прифатено од луѓето во Македонија. Треба да биде разјаснето дека ратификацијата ќе треба да биде иста во двете земји, а пожелно е да се ратифицира од Парламентите“, се вели во анализата на Фондацијата, изготвена од нејзиниот директор, професорот Танос Докос.

Според него, откако нашето уставно и историско име ќе го снема, а ние од Македоци ќе станеме граѓани на Горна Македонија, тогаш следните чекори ќе биле наводна „интеграција во НАТО и помош за интеграција во ЕУ“.

„Постоењето на еден ваков предлог, кој што се движи многу близу до грчките преговарачки позиции, би претставувал одлична можност за консензуален пристап од грчката Влада и опозицијата. Но, кратковидата политика на Груевски и покрај одговорниот пристап од опозицијата и од албанските партии во Скопје, веројатно ќе му овозможат на нашиот политички свет да го избегне правењето на овие болни одлуки, во време кога надворешната политика продолжува да биде со низок приоритет”, завршува авторот на текстот.

Македонската опозиција со години наназад се чини се’ поуспешно ги освојува симпатиите на јужниот сосед, па затоа тие беа и грчкиот фаворит на последните парламентарни и претседателски избори во Македонија. Ставовите за името на кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски, Грците ги претставуваа како флексибилни, наспроти оние на актуелниот претседател Ѓорѓи Иванов и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кои што се оценуваат како цврсти и непопустливи.