Грција планира да ја снабдува и Македонија со природен гас

Грчкиот министер за животна средина и енергетика Василис Манијатис, во американскиот Центар за стратегиски меѓународни истражувања (ЦСИС) претстави голем план со кој Грција би станала главната порта за снабдување на југоисточна, па дури и средна Европа со енергенси. Според планот на Манијатис, Грција ќе го замени гасоводот Јужен Поток и преку нејзина територија гасот ќе се доставува по планираната траса на Јужен Поток на север, како и по планираниот нов гасовод ТАП кој преку Албанија ќе оди до Италија.

Манијатис не ја спомна Македонија во своето излагање, но на мапата на овој, како што кажа, мега-проект, јасно се гледа дека еден крак од гасоводот ТАП ќе влегува и во Македонија, пренесува МИА.

Клучното прашање, од каде ќе се најде гасот со кој Грција сака да ја снабдува Европа, според Манијатис лежи во повеќе извори – азербејџански гас доставен преку планираниот гасовод ТАНАП, преку Грузија и Турција, или течен природен гас кој би се доставувал преку танкери и одново би се гасификувал во Грција. Една од локациите кои Манијатис ја предложи за овој проект е околината на Кавала, во Егејско Море, каде Грција бара поддршка за поставување на пловечки објект за складирање на течен гас, и негово повторно гасификување.

– Грција има 12 ПЦИ – проекти од заеднички интерес, кои се клучни за Европа и за создавање интегриран југоисточен енергетски пазар. Нашите ПЦИ ќе овозможат влез на енегенси во Југоисточна Европа од разни извори на енергенси, преку Грција. Сакаме да изградиме мрежа налик на таа на северните земји, кои се високо интегрирани и затоа имаат за 35 проценти пониски цени од подалечните земји како нашите.

Еден од овие ПЦИ проекти, за кои бараме поддршка е интерконектор до Бугарија, кој е мал по големина, од 180 километри, но ќе овозможи порта за југоисточна и централна Европа, изјави Манијатис.

Оваа врска би го поврзала планираниот гасовот ТАНАП – ТАП, од Азербејџан до Италија, со Бугарија, и би овозможила да се продолжи изградбата на врска на север, кон Романија, Србија, Унгарија и другите земји од средна Европа. Овие држави како најреален проект за снабдување со гас го сметаа Јужен Поток, проектот промовиран од Русија, но овој гасовод виси откако Европската Унија де факто ја забрани неговата изградба.

Според планот на Манијатис, оваа интерконекција меѓу Грција и Бугарија ќе може да ги поврзе истите земји кои требаше да бидат поврзани со Јужен Поток, на гасовод снабдуван со азербејџански гас.

Сепак, главната линија на ТАНАП – ТАП ќе минува приближно со древната Виа Игнација, низ северна Грција, паралелно со границата со Македонија, и преку Албанија и подводен коридор под Јонско Море азербејџанскиот гас ќе го спроведува до Италија. Овој гасовод би имал крак за снабдување и на Македонија, која беше потписник на договорот за Јужен Поток за да се снабдува со руски гас, преку крак од Србија или Бугарија.

Манијатис изјави дека овие нови врски кои Грција ги предлага би требало да бидат реверзибилни, односно да овозможат снабдување во двете насоки. Ова е една од слабите точки на европската стратегија кои се покажаа по украинската криза, со обидот на Европската Унија да ја снабди Украина со гас преку постоечките гасоводи, кои се дизајнирани да го транспортираат гасот во спротивната насока, од Русија, преку Украина кон Европа.

– Потребни ни се повеќе врски со реверзибилен тек, кои значат дека штом еднаш енергенсите ќе влезат во Европа, ќе можат да бидат дистрибуирани било каде, изјави Манијатис во своето предавање во ЦСИС.

Грција интензивно лобира да ја добие клучната улога во идното снабдување на Европската Унија со гас, меѓу другото и со користење на резервите на гас и нафта кои се претпоставува дека лежат во морето меѓу Кипар и Израел, а кои во моментов не можат да се експлоатираат поради нерешениот статус на островот Кипар.

Како уште еден значаен грчки проект, Манијатис го наведе поставувањето на пловна постројка за складирање и регасификација кај Кавала. Грчкиот министер истакна дека во регионот, во моментов има само еден објект кој може да прими течен природен гас – терминалот Ревитуза кај атинското пристаниште Пиреа. Поставување на пловен терминал кај Кавала би било уште еден терминал преку кој гас увезен преку специјални танкери од земји како Катар, Јемен или Алжир би можел да се искористи за снабдување на Европа, како алтернатива на рускиот гас.