Грција побара одложување на разговорите со меѓународните кредитори

Напредокот на Грција најверојатно нема да биде дел од темите за разговор, за време на следната средба на Еврогрупата, што ќе се одржи на 27 јануари. Атина сака да ги одложи преговорите со меѓународните кредитори, за да може да ги претстави и економските податоци на земјата за месец декември, пишува весникот „Катимерини“.

Во понеделникот грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарас изјави дека одложувањето на средбата меѓу претставниците на доверителите и на грчката Влада се должи на тешкотиите во преговорите и недостатокот на согласност.

Стурнарас истакнал дека би било многу тешко да се постигне некаков договор за доделување на новата транша од помошта за Грција за време на средбата на 27 јануари. Токму затоа Атина сака одложување на разговорите, за да може да ги претстави економските податоци од декември, што се очекува да покажат позитивни промени во грчката економија.