Грција почна да ги евакуира мигрантите од Идомени

Грција почна да ги евакуира мигрантите од Идомени
Грција почна да ги евакуира мигрантите од Идомени

Грчките власти почнаа да ги евакуираат мигрантите од бегалскиот камп Идомени на границата со Македонија, соопшти денеска полицијата.

Во меѓувреме продолжува тенденцијата на намалување на приливот мигранти од Турција кон грчките острови.

Осум автобуси однесоа вчера околу 400 мигранти од кампот Идомени кон центрите за сместување во регионот, додаде локалната полиција.

Уште десетина автобуси чекаа денеска да ги земат мигрантите, кои тргнаа да го напуштаат кампот, најмногу семејства со деца, пренесе БТА.

Според официјални податоци, утрово во Идомени имало 11.603 лица.

Откако во почетокот на март македонската граница беше затворена, во кампот се натрупуваа се повеќе мигранти.

Во четвртокот портпаролот на службата за координирање на миграциската политика Јоргос Кирицис, рече дека за 20 дена во центрите за сместување ќе бидат создадени нови 30.000 места.

Во средата не се регистрирани новопристигнати мигранти, првпат откако во неделата стапи во сила спогодбата со ЕУ, која се очекува да ја пресече „егејската“ маршрута на мигранти кон Европа.

Документот, остро оспоруван од организациите за заштита на човековите права, предвидува да бидат враќани во Турција сите незаконски пристигнати имигранти во Грција од 20 март натаму, вклучително и оние кои бараат азил од Сирија, освен лицата кои имаат потреба од специјална закрила, на пример Курди.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.