Грција полека се претвора во земја од Третиот свет

Лидерот на британската партија на незвисноста на Обединетото кралство (УКИП), Најџел Фараж изјави во Лондон дека Грција „полека се претвора во земја од Третиот свет“, иако е членка на ЕУ, пренесува МИА.

– Сите гледаме што се случува. Трагично е што сето тоа, практично, се одвива пред нашите очи, вели Фараж, кој за ваквата ситуација во Грција, ги обвинува Унијата,а посебно земјите од еврозоната и заедничката валута,против кои овој британски политичар „води политичко-пропагандна војна“.

УКИП е најевроскептичната партија во Велика Британија, која води антиевропска политика и заговара излегување на земјата од членството во ЕУ. Фараж смета дека еврото е вештачка валута која „главните играчи“ во монетарната унија, го користат за да ја наметнат својата политика во еврозоната и во ЕУ.

Оваа партија, која до минатогодишните евроизбори важеше за маргинална во британската политика,победи на тие избори со својот евроскептицизам, но многу повеќе со својата антиимигрантска политика, заговарајќи ограничување во приемот на имигрантите кои доаѓаат од ЕУ и пред се од земјите на некогашниот комунистички Исток.

По британските парламентарни избори во мај годинава УКИП претендира да стане трета партија во Парламент и главен политички фактор при правењето на нова владина коалиција, на тој начин што ќе ги одземе гласовите на дел од лабуристичкото и либералдемокаратското гласачко тело, кои традиционално се наклонети кон ЕУ и Европа, иако и тие не претендираат за влез на Британија во еврозоната.

Лидерот на партијата Фараж, затоа, ги користи случувањата во зоната на еврото, по победата на грчката крајнолевичарска партија Сириза на тамошните избори, за да ги увери британските гласачи, посебно оние во Англија каде евроскептицизмот е најраширен во како што вели, „бесперспективноста“ на ЕУ, онаква каква што е сега, а посебно на зоната, обединета околу еврото.

Фараж верува дека Грција „ќе биде присилена“ да се повлече од зоната на заедничката валута. Но тоа, според лидерот на УКИП, не треба да значи трагедија за Грците,кои во тој случај ќе и се вратат на својата драхма.

– Старо-новата валута ќе мора веднаш многукратно да девалвира, но за 18 месеци, од тој момент, Грција ќе може да создаде своја перспективна економија, смета овој британски политичар.

Тој верува дека „грчкиот успех по излегувањето од еврото“ ќе ги повлече на таков чекор и другите земји од Медитеранот, објаснувајќи ја ваквата своја прогноза со, според него, брзиот пораст на евроскептицизмот во Италија.