Грција: Поранешен министер за одбрана осуден на четири години затвор

Поранешниот грчки министер за одбрана, Јанис Папандониу, и неговата сопруга, Рула Кураку, денеска во судот во Атина беа осудени на четири години затвор за прикривање даноци, пренесе МИА.

Папандониу, кој беше министер за одбрана од 2001 до 2003 година, и неговата сопруга Кураку, беа прогласени за виновни за поднесување неточни изјави за нивните приходи, имотна состојба и поседување акции и заработувачки во 2009 година.

Државните службеници во Грција, во кои се вклучени и министрите и владините службеници, должни се еднаш годишно да поднесуваат изјави за нивната актуелна финансиска и имотна состојба.

Адвокат, запознат со овој случај, за ДПА изјави дека судот за спорната 2009 година утврдил непријавени 2,3 милиона евра.

Даночните служби ги засилија своите проверки врз јавните личности, откако земјата ја презеде обврската да ја реализира економската програма во замена за кредити, со која Владата е повикана да се справи со широко распространетото прикривање даноци, забележа ДПА.

Против поранешниот министер има покренати обвиненија и во врска со сметката на неговата сопруга во швајцарска банка во вредност од 1,3 милион евра. Сметката фигурира на списокот на околу 2.000 Грци со големи депозити во женевската филијала на банката HSBC.

Папандониу и неговата сопруга се под истрага и за неплаќање даноци во износ од три милиони евра во периодот меѓу 2000 и 2010 година.