Грција против нови санкции кон Русија

Новата грчка коалициска Влада соопшти дека се противи на изјавата на Европската унија со која се отвора пат за дополнителни санкции кон Кремљ, поради конфликтот во Украина, и изрази незадоволство што не била консултирана, јави МИА.

– Грција не се согласува, соопшти Кабинетот во Атина  додавајќи дека со изјавата била нарушена „соодветната процедура“ без претходно да се обезбеди согласност од Грција.

„Сомнителните потези“ на грчката нова Влада да се противи на нови санкции кон Русија, ја исправа надворешната политика пред нејзините предизвици кон статус кво ситуацијата во Европа, коментираат некои странски аналитичари.

Дали грчката Влада ќе ја претвори оваа реторика во реалност ќе биде тестирано кога новиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас ќе има можност да блокира воведување дополнителни санкции на вонредниот состанок на шефовите на дипломатиите на ЕУ во четврток во Брисел, пишува агенцијата Блумберг.

За воведување санкции потребна е согласност од 28-те влади на членките на ЕУ. Грчкото вето би го погодило кревкиот европски консензус за справување со Русија и првично би ја намалила добрата волја кон Сириза додека лобира за полесни услови за договорот за финансиска помош, коментира агенцијата.

Тоа исто така ќе има негативно влијание на односите со германската канцеларка Ангела Меркел, која ја покажа својата поддршка да се продолжи со притисок врз Русија во време на ескалација на насилството во источна Украина.

Во говорот при преземањето на министерската функција, Коѕиас рече дека новата Влада се противи на „правилата за операција“ во рамките на ЕУ во врска со изјавата за Русија.

– Секој кој мисли дека во име на долгот, Грција ќе се откаже од својот суверенитет и нејзиното активно учество во европската политика, греши. Ние сакаме да бидеме Грци, патриоти, европеисти, интернационалисти, изјави Куѕиас.

Во меѓувреме, Кабинетот на Ципрас контактирал со канцеларијата на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, а премиерот лично со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини, за да изразат протест против содржината на изјавата и да предложат промени во неа, но нивните предлози биле занемарени и изјавата е објавена во првичната верзија, јавија грчките медиуми.

фото: independent.co.uk

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.