Грција: Прв круг претседателски избори

Грчкиот Парламент доцна попладнево ќе гласа на првиот од трите можни круга за претседател на земјата, на кој владејачката коалиција се надева дека за кандидатот Ставрос Димас ќе ја добие поддршката од најмалку 161 пратеник, јавува МИА.

На коалицијата и треба двотретинско мнозинство, што значи поддршка од 200 пратеници во Парламентот кој брои 300 членови, за Димас да биде избран во првиот круг. Ако тоа не успее, што и најверојатно ќе се случи, вториот круг ќе се одржи по пет дена, на 23 декември, на кој исто така се потребни 200 гласови. Третиот и последен круг од гласањето ќе се одржи на 29 декември, но овој пат потребното мнозинство гласови ќе се намали на 180 пратеници, што е и целта на Владата.

Ако претседателските избори не успеат, Парламентот ќе биде распуштен во рок од десет дена, а предвремените парламентарни избори ќе се одржат најрано на 25 јануари и 1 февруари. Досегашните анкети покажуваат дека на евентуалните предвремени избори ќе победи главната опозициска партија Сириза.

Владата во моментов ја има поддршката од 155 пратеници, а шест независни парламентарци исто така се изјаснија дека ќе гласаат за Димас. Коалицијата се надева дека ќе привлече уште неколку од 24-цата независни пратеници, а смета и на поддршката од пратеници на Демократската левица и Независни Грци, кои веќе на разни начини наводно сигнализирале дека се подготвени да ги пробијат партиските редови и да гласаат за претседател.

Официјално, лидерот на Независни Грци Панос Каменос изјави дека неговата партија нема да гласа за нов претседател на земјата на ниту едно од трите гласања во Парламентот, и истакна дека „тоа треба да биде јасно и е завршена работа“. И Демократската левица соопшти дека нема да гласа за претседател на Грција.

Најголемата опозициска партија Сириза е убедена дека Владата нема да биде во можност да добие 180 гласови кои се неопходни во третиот и последен круг од гласањето, тврдејќи дека има околу 126 или 127 пратеници кои ќе гласаат против претседателскиот кандидат Ставрос Димас.

Сепак, постои загриженост во врска со ставот на Демократската левица откако нејзиниот лидер Фотис Кувелис за радио „Вима 99,5 ФМ“ изјави дека пратениците на неговата партија кои ќе изберат да ја поддржат кандидатурата на Димас, нема да ги смета за „отпадници или продадени“. Се шпекулира дека со оваа изјава Кувелис сака да изврши притисок врз Сириза во преговорите за условите на постизборна коалиција, доколку има предвремени парламентарни избори.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.