Грција се надева дека преговорите со тројката ќе имаат позитивен исход

Грчкиот министер за финансии Гикас Хардувелис изрази уверување дека преговорите со тројката наскоро ќе имаат позитивен исход, пренесе МИА.

– Овие денови се денови на најинтензивни преговори со нашите партнери со цел да се затвори последната проценка на меморандумот. Тие се многу посложени отколку претходно. Процедурата е посложена, бидејќи во 2015 година Грција ќе влезе во нова врска со нашите партнери и ММФ. За овој нов, полабав однос ќе треба бирократски процедури, парламентарни одобренија, изјави Хардувелис, говорејќи во Парламентот за време на дебатата за буџетот за 2015 година.

Министерот за финансии во својот говор истакна дека учеството на Грција во Европската унија значи привилегија, но и обврски.

– Проблемите предизвикани од кризата нема да бидат решени со идеолошки опсесии. Ние мора да сфатиме дека сите сме во истиот брод и да дејствуваме без тензии, истакна министерот, додавајќи дека „клучно прашање за раст од сега па натаму е програмата за реформи да продолжи веднаш по завршувањето на меморандумот“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.