Балкан

Грција се покори – Што е последниот предлог до кредиторите?

Грција се покори – Што е последниот предлог до кредиторите?

Грција предложи нови мерки, кои вклучуваат зголемување на данокот за компаниите кои се бават со градба на бродови и укинување на даночните олеснувања за островите, во рамки на последната спогодба испратена до кредиторите доцна синоќа, објавува „Ројтерс“, пренесува Нетпрес.

Новиот предлог на грчката влада предвидува и суштинско зголемување на данокот на додадена вредност и намалување на државните расходи за пензии. Исто така, крајната цел на примарниот суфицит е проектирана за 1 отсто во текот на 2015 година и 2 отсто во 2016 година. ДДВ за рестораните и за кетерингот ќе биде 23 отсто, а за хотелите 13 отсто, како и зголемување на т.н. корпоративен данок и тоа веднаш.

Владата планира зголемување и на данокот за луксузен имот, како и да почне да ги даночи телевизиските реклами. Во однос на намалување на трошоците, Грција предлага кратење на парите за одбрана и тоа за износ до 300 милиони евра до крајот на 2016 година. Во план е и строг тајминг за приватизација.

Владата си поставила за цел да направи заштеди во висина од 1 отсто од БДП и тоа на основа на намалување на трошоците за пензии, во текот на 2016 година, со стопирање на можноста за рано пензионирање.

Во замена за овие чекори што би ги презела, Атина бара кредиторите да ги разгледаат целите за примарен суфицит на Грција за наредните четири години и очекува финансирање во износ од 53,5 милијарди евра, за да ги покрие долговите во однос на заемите до крајот на јуни 2018 година.

Согласно предлогот Атина треба да ги добие парите од спасувачкиот фондот на еврозоната – Европскиот стабилизациски механизам (ЕСМ).

Претседателот на еврогрупата, Јерун Дејслеблум, засега нема да ги коментира предлозите на Грција, изјавил неговиот прортпарол Михел Рејнс.

Според него, Дејселблум „нема да ги коментира предлозите, додека меѓународните институции не ги завршат своите оценки“.

Претходно Рејнс само потврдил дека ги добиле новите грчки предлози.

Усогласувањето на спасителната програма од сите страни на 12 јули, годинава, всушност е последната шанса Грција да остане во еврозоната.