Грција со најголем број банкротства во Европа

Грција останува во зоната на висок ризик во однос на банкроти на фирми и на светско ниво е една од земјите со најмногу случаи на инсолвентност во последните години, објави МИА.

Според меѓународната кредитна осигурителна компанија „Атрадиус“, и годинава стапката на стечајни предмети во Грција е на високо ниво, односно во тек се 459 предмети наспроти 463 случаи минатата година, што е минимален пад за помалку од еден процент.

Во Грција има најголем број на банкротства меѓу европските држави кои се под мониторинг на „Атрадиус“ и се однесуваат на случаи кога стечајната постапка е завршена, што во оваа земја трае долго и одзема многу време.

Истражувањето е врз основа на податоци од февруари и показатели од реалната економија како што е индексот на економската клима, а од тогаш производствените цени во индустријата и довербата на трговијата на мало веќе покажаа натамошно влошување на состојбата, што доведува до уште полоша прогноза.

Проблемите во економијата се во пораст поради неизвесноста создадена од страна на одложувањето на конечниот договор меѓу Владата и нејзините доверители, што резултира со стагнација на деловната активност, соопшти „Атрадиус“.