Грција вети дека ќе го плати долгот кон кредиторите

Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис вети дека Атина во текот на оваа недела ќе го исплати својот долг кон нејзините меѓународни кредитори, пренесува МИА.

По средбата со Варуфакис во Вашингтон, директорот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард синоќа изјави дека ја поздравува одлуката на Атина да ги плати своте долгови, чиј краен рок на доспевање истекува на 9 април.

– Варуфакис и јас разменивме мислења за тековната состојба и се согласивме дека во заеднички интерес е ефективно да соработуваме. Ние нагласивме дека одржувањето на нестабилната состојба не е во интерес на Грција, рече Лагард.

Таа истакна дека при разговорите добила уверување од Варуфакис дека Грција до 9 април ќе го исплати својот долг кон ММФ.

– Фондот ќе се придржува кон својата обврска да соработува со (грчките) власти, со цел да и помогне на Грција да се врати на патот на одржлив развој и на вработувања, додаде Лагард.

Варуфакис од своја страна нагласи дека грчката Влада планира да спроведе длабоки реформи и дека ќе се обиде да постигне поголема евективност во преговорите со кредиторите.

Европската унија и ММФ ја замрзнаа програмата за финансиска помош на Грција, се додека не постигнат договор со Владата во Атина за новиот пакет реформи.

До четврток Грција на ММФ треба да му исплати долг од 450 милиони евра. Минатата недела се појавија стравувања дека Атина нема да биде во можност да го плати овој долг.