Грците бесни: За дописничка на британски “Sunday Times” ние сме Македонија

“Амфиполис се наоѓа близу до границата со Македонија”, напиша дописничката на “Sunday Times” од Атина и предизвика лавина од негативни рекации кај јужниот сосед, јавува дописникот на Нетпрес од Атина. Телевизијата “Стар”, радиото “Хелас.фм” , весниците “Стохос” и “Параполитика”  и порталите “Воира”, “Хони” и “Њуз.ит” се само дел од грчките медиуми што критикуваат дека натписот на дописничката бил провокативен и претставувал валкана игра. На британскиот весник пак, му порачаа да ги објавел обвинувања дека британска експедиција пред шеесетина години крадела од Амфиполис.

“Бес во Грција предизвика натписот на познатата меѓународна новинарка Анти Карасава. Дописничката од Атина за историскиот британски весник пишува дека на почетокот на ноември беше откриен скелет во напуштена структура што формира една од светите одаи внатре во големиот гроб, на 603 км од Атина и близу границата со Македонија”, пишува весникот “Параполитика”, информирајќи дека Карасава пораснала во Њу Јорк работејќи за американските медиуми и дека нејзините родители се Грци.

Весникот “Стохос” пак му порача на “Sunday Times” да ја информирал јавноста за наводната кражба на археолошки предмети од Амфиполис од страна на британска експедиција за време на Првата светска војна.

“Како авторитетен и објективен весник, “Sunday Times” од Лондон ќе треба да ја информира јавноста и за уште еден настан поврзан со Амфиполи, што беше откриен во саботата за време на презентацијата на податоците од ископувањата, во Атина. Тоа е во големи размери непочитувачкиот и нечесен обид на британска експедициска сила од Првата светска војна да приграби илјада антички архитектонски елементи, заедно со една голема статуа од лав, од земјата кај Амфиполис. Веројатно ќе ги интересира британските читатели дека ако непријателот не потепеше еден од бродовите натоварени со антички мермери, еден од лондонските музеи ќе беше значително побогат со украдените грчки богатства”, обвинува “Стохос”.

Поради користењето на нашето уставно и историско име реагираше и одговорната за комуникации за ископувањето, новинарката Ана Панадиотареа, која што преку својата фејсбук страница ја обвини дописничката на “Sunday Times” дека ова не и било прв пат да ја доведува Грција во непријатна позиција. Според неа, неетично било од страна на Карасава или од кој било друг грчки новинар да пишува дека Амфиполис бил близу до Македонија, а тоа да се однесувало на пј Р Македонија.

“Ова не е прв пат кипарската колешка да пишува на овој начин. Натписите како оној за тренирањето на Курди во Неа Макри ја донесоа Грција во многу тешка положба. Таа знае дека сето тоа е неточно”, обвинува Панадиотареа.

Грчките медими информираат дека откако ја прегледале архивата на дописничката, заклучиле дека ова не и е прв пат да го користи нашето уставно име. Во текстот за “Sunday Times” таа вели дека наследството оставено од Александар Македонски стана “јаболко на раздорот” меѓу Македонија и Грција. Таа пишува и дека минатиот месец стигнала потврдата дека коските открени на шеесетина километри подалеку ( во Кутлеш ) му припаѓаат на таткото на Александар и дека ова откритие веднаш било зграбено од грчката влада за да ги побие тврдењата на Македонија дека Александар е дел од македонската, а не од грчката историја.