Балкан

Грците денеска гласаат на предвремени парламентарни избори

Грците денеска гласаат на предвремени парламентарни избори

Девет милиони и 808 илјади Грци денеска гласаат на вонредните парламентарни избори во земјата, јави дописникот на МИА од Атина.

Избирачките места, чија бројка изнесува 19.449, се отворени од седум до 19 часот.

На изборите ќе учествуваат 18 партии и четири коалиции.

Вкупно 250 места во парламентот ќе бидат поделени врз основа на освоените гласови, а дополнителни 50 места ќе добие партијата што ќе освои најмногу гласови. Коалициите не се сметаат како една партија, па така гласовите ќе им се пресметуваат одделно за секоја партија во коалицијата. Парламентарно мнозинство се постигнува со партијата или коалицијата на партии кои имаат најмалку половина плус едно (151 од вкупно 300) места во парламентот.

Според сите анкети, Сириза води пред Нова демократија со три до пет процентни поени, а на трето место е Потами. Повеќето истражувања покажаа дека прагот од три проценти за влез во парламентот ќе го поминат и Златна Зора, ПАСОК, Комунистичката партија и партијата Независни Грци.

Лидерот на Сириза, Алексис Ципрас, во предизборната кампања бараше граѓаните да му дадат силна поддршка за да освои мнозинство во парламентот, за што шансите се многу мали.

Премиерот и претседател на Нова демократија, Андонис Самарас, вчера, пак, изрази уверување дека изборниот резултат ќе биде во полза на неговата партија, истакнувајќи дека 14 проценти од електоратот, кој во анкетите не откри за кого ќе гласа, на крајот ќе се одлучи за Нова демократија.

Пред грчките избирачи е огромна одговорност да ја одредат иднината на земјата. Дилемата е дали да се продолжи со мачните реформи кои ги наложи „тројката“ меѓународни кредитори и политиката на штедење или радикален пресврт со Сириза и Ципрас, кој ја отфрла политиката на штедење и бара редефинирање на сите договори за кредити.

За следење на изборите во Грција, акредитирани се повеќе од 900 новинари од 50-тина земји од светот, што е најголема медиумска заинтересираност досега.