Грците гневни: На министерот за миграција му се “испушти” Македонија

Ненадејна политичка криза преку ноќ ја стресе грчката Влада, откако министерот за миграција, Јанис Музалас во телевизиско гостување, зборувајќи за инцидентот на границата, нашата земја ја нарече Македонија, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.

-Сметаме дека имаме докази дека овде станува збор за валкана игра одиграна од организации кои што тврделе дека се волонтери, но всушност немаат никаква врска со нив и кои што помогнале и го организирале преминот од Идомени во Македонија, изјави Музалас.

Иако министерот кој што доаѓа од редовите на Сириза, набргу потоа се извини, правдајќи се дека згрешил и направил гаф бидејќи бил занесен во зборувањето, тоа сепак не ја сопре бурата од реакции и критики што започна речиси веднаш по емитувањето на емисијата.

Оставка од Музалас побараа од коалицискиот партнер во владата, Независни Грци, од најголемата опозициска партија Нова демократија, од уште голем број други партии и здруженија.

“Извинувањето не е доволно, барам негова оставка” , порача лидерот на Независни Грци, Панос Каменос.

Во соопштението на неговата партија пак, освен барањето за оставка, беше реафирмиран и ставот дека Независни Грци немало да преговараат за името Македонија и за “нивната” историја.

“Македонија и нејзината историја се Грчки и тоа е докажано. Иако многу години поминаа, Грците ги знаат нашите корени и никој нема да не отсече од нив. Музалас можеби е многу способен во однос на справувањето со миграцијата, но за нашите национални прашања не се дозволуваат грашки и гафови, па дури ни еднаш”, се вели во партиското соопштение.

Од опозициската Нова демократија на Кириакос Мицотакис пак, не се согласуваат дека Музалас бил способен за справување со миграцијата, но во однос на оставката, опозициската партија е едногласна со владиниот колаициски партнер.

“Додека состојбата во Идомени, како и воошто целoто бегалско-мигрантско прашање е надвор од наша контрола, тангирајќи ги при тоа и нашите односи со Скопје, г-динот Музалас стори голем гаф. Тој во јавноста бј РМ ја нараче Македонија со што ги зајакна аргументите и генералната политика на Скопје”, се вели во соопштението на Нова демократија.

И останатите политички партии и здруженија кои што реагираа, речиси едногласно бараат оставка од Музалас, обвинувајќи го за непочитување на националните линии, со што ги посрамотил Грците, а на Македонија и дал аргументи во нејзина корист.

Изјавата на Музалас доаѓа во период на силно незадоволство во грчката јавност поради фактот што во контекст на мигрантско-бегалската криза, речиси сите Македонија ја нарекуваат под уставно име. Освен грчките медиуми, на овој факт укажуваат и политичарите, како на пример европратеникот од редовите на Сириза, Стелио Кулоглу, кој што во неодамнешното гостување во дебата на ENA CHANNEL порача дека Грција ја загуби битката, затоа што сите ја именуваат соседната земја како Македонија.

– Кога известуваат за бегалската криза, не постои ниту еден медиум во светот што БЈРМ ја  нарекува БЈРМ, изјави Кулоглу.

Во обидот да ја смират ситуацијата, вчера вечер се огласија и од кабинетот на премиерот Алексис Ципрас, со ставот дека вревата која што се крева е претерана и оти станувало збор за лапсус. Сепак, со оглед на фактот што ова соопштение беше испратено пред коалицискиот партнер во владата да побара оставка од Музалас, останува отворено прашањето дали освен  економската и мигрантско-бегалска криза, Грција во наредниот период ќе мора да решава и нова, политичка криза или  пак, разликите ќе бидат надминати во брзо време.