Грците гневни поради политиката на Груевски за мигрантите и за името

платформа

Македонија со помош на мигрантската криза најде начин за унапредување на односите со ЕУ и со НАТО, додека Никола Груевски како сигурен победник на изборите, уште еднаш потврди дека нема да направи ниту една отстапка во однос на уставното име и името на јазикот и на нацијата. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, оваа теза периодов доминира во грчкото јавно мислење.

Во анализа на интернет порталот “Либерал”  се искажува големо незадволство поради тоа што македонските власти нашле прозорец за промоција на односите со ЕУ и НАТО, додека паралелно Груевски преку интервјуто за “То Вима” порачал дека нема да попушти во однос на името и идентитетот. И весникот “Катимерини” неодамна ја коментираше добрата соработка на Македонија со европските инситуции за мигрантите, при тоа критикувајќи го фактот што Грците не ја искористиле можноста за решавање на прашањето со името во 93 та, со оглед на тоа што денеска состојбата е сменета, а развојот на настаните најверојатно ќе биде на штета на Грција.

“Прозорец за промоција на односите со ЕУ и НАТО најде лидерството во Скопје со помош на прашањето за миграцијата, додека Никола Груевски покажува нетолерантност, посрамувајќи ја грчката Влада “, пишува “Либерал” додавајќи дека поголем дел од ЕУ земјите спасот го гледаат во Македонија.

Порталот информира дека по интервјуто на Груевски за “То Вима” во кое што беше реафирмирана македонската црвена линија, во Атина биле спуштени на земја дури и најголемите оптимисти.

“Груевски за кого сите индикации велат дека ќе биде победникот на изборите во Скопје, прати јасна порака до Атина дека нема да се попушти за ништо и избегна да спомене било што во насока на наоѓање на ново сложено име, инсистирајќи на уставното име “Република Македонија”. Еднствените “отстапки” за кои што се чини дека се согласува да ги направи е…да потпише дека не постојат претензии кон Грција и дека не се противи, како што рече, на тоа и Грција да го користи името Македонија! За другите прашања, г-динот Груевски ја прекина секоја дискусија, пропишувајќи ја крајно тврдата позиција која што треба да се следи, веројатно охрабрен од зголемената улога на земјата во запирањето на миграцијата. Г-динот Груевски рече дека тој нема да прифати ништо што ќе се одрази на “Македонскиот идентитет и јазик” и што ќе ја загорози “Македонската нација и држава” и одби било каква можност за менување на Уставот со цел менување на уставното име. Менувањето на Уставот со цел да се обезбеди уставен статус на името, е можеби единствената гаранција за имплементација на кој било консензус за новото име што ќе се користи за сите”, коментира “Либерал”, нагласувајќи дека Груевски го реафирмирал и ставот дека секое евентуално решение ќе треба да се одобри на референдум.

Со речиси идентични тези неодамна излезе и анализа во весникот “Катимерини”, во која што исто така беше изразено незадоволство поради добрата соработка на Македонија со Европските институции во однос на бегалците, што според весникот, го подобрува имиџот на земјата во Брисел, во период кога постои барање за отварање на пристапните преговори за членство, додека слична состојба се создава и во однос на НАТО. И “Катимерини” изразува незадоволство од актуелната состојба во однос на прашањето со името, нагласувајќи дека во 92 ра и 93 та имало шанса за затварање на прашањето со Скопје со решение што многу повеќе и одговарало на Грција, од она што и се нуди денес.

“Во 1992 ра и во 93 та можевме да го затвориме прашањето за името со Скопје, но тогаш некои од олтарот на максимализмот, ги оштетија националните позиции, како што се покажа во натамошниот процес, жртвувајќи ја можноста за многу подобро решение. Некои пак, што гледаа кон напред и беа подготвени за компромис дури и кога бевме во позиција на поголема моќ, беа обвинети дека лицитираат. Но тоа беше тогаш, а сега сме во денешницата. Нашиот спор со бј Р Македонија ќе се решава во следните месеци, низ сложена призма на широки податоци и тоа за жал на наша сметка”, пишува “Катимерини”.

Во гореспоменатиот период од 92 ра и 93 та година, апсолутната власт во Македонија им припаѓаше на СДСМ, со Бранко Црвенковски како премиер и Киро Глигоров како претседател.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.