Грците и Турците на Кипар се договорија да отворат уште два премини

Лидерите на кипарските Грци и кипарските Турци се договорија денеска да отворат уште два премини на линијата на поделба меѓу северниот и јужниот дел на островот.

Специјалниот пратеник на Обединетите нации Еспен Барт Еиде беше денеска домаќин на вториот состанок на претседателот на Кипар Никос Анастасиадис и на новоизбраниот лидер на кипарските Турци, Мустафа Акинџи, во рамки на обновниот преговарачки процес, кој почна на почетокот на месецот, пренесува МИА.

– Акинџи и Анастасиадис уште еднаш ја потенцираа заедничката волја и решеност да постигнат сеопфатно решение, соопшти Еиде и додаде дека двајцата лидери сметаат дека исходот од средбата би требало да ја одрази позитивната атмосфера, која преовладува на островот.

Двајцата лидери се согласиле да отворат уштед два премини, со цел да се подобри движењето на луѓе, во Лефка на западниот дел на островот и во Деринија на исток.

Првите премини се отворени во 2003 година и оттогаш нивниот број се зголемува, но последниот од вкупно седумте премини, колку што има во моментов, е отворен пред речиси пет години.

Двајцата лидери се договориле и за поврзување на мрежите за пренос на струја и на мобилните телефонии меѓу двата дела на островот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.