Грците масовно ги повлекуваат банкарските депозити во страв од поголема криза

Грчките банки се погодени од нови турбуленции поради финансиската несигурност на земјата и несогласувањата меѓу Атина и нејзините кредитори, и банкарските акции вчера изгубија повеќе од осум проценти од својата вредност а одливот на депозити е далеку поголем од претходните денови, јавува  МИА.

Претставници на кредитниот сектор проценуваат дека само вчера се подигнати 350 до 400 илјади евра депозити, што е за околу пет пати повеќе од просекот на дневните состојби во претходните денови. Тие додаваат дека вчера биле повлечени најмногу пари од 20 февруари, кога беше постигнат договор со Еврогрупата.

Ова уследи по изјавата во вторникот на шефот на Еврогрупата Јероен Дијселблоем во врска со можноста од наметнување контрола врз капиталот во Грција. Исто така, имаше серија изјави од грчките и европските претставници кои ја влошија климата меѓу двете страни, тренд кој продолжи и вчера.

Во овој контекст, банките се загрижени од нов бран на повлекувања пари, додека кредитниот систем е на работ и Европската централна банка ја снабдува ликвидноста само „капка по капка“, коментираат аналитичарите.

Управниот совет на ЕЦБ денеска се очекува да го обнови финансирањето на грчките кредитори преку механизмот за помош за итна ликвидност (ЕЛА) на Банката на Грција, со што најверојатно ќе се зголеми лимитот за финансирање, кој сега изнесува 69,4 милијарди евра. Зголемувањето сепак ќе биде мало, исто како што беше случај на последните неколку состаноци на Одборот на ЕЦБ, односно само за покривање на неопходните финансиски потреби.

Депозитите и кредитниот систем доживеаја голем удар во последните неколку месеци поради политичката и економска несигурност, како и поради отсуството на каков било напредок кон изнаоѓање решение за ќор-сокакот меѓу Грција и нејзините доверители. Банките проценуваат дека депозитите на населението и претпријатијата се намалија за околу 26 милијарди евра од крајот на ноември, и денес изнесуваат не повеќе од 138 милијарди евра.