Грците со навршени 17 години ќе добијат право на глас

Грчката Влада, предводена од Коалицијата на радикалната левица (Сириза), подготвува измени на Изборниот закон, со кој правото на глас во Грција ќе се стекнува со навршени 17 години, наместо досегашните 18, објави атинскиот весник „Вима“, пренесува МИА.

Според весникот, измените на Законот би можеле наскоро да се најдат пред Парламентот и да бидат усвоени пред летниот одмор на пратениците.

Покрај измената на старосната граница за стекнување на право на глас, ќе се промени и одредбата според која партијата победник на изборите сега по автоматизам добива 50 мандати, а останатите 250 се распоредуваат според пропорционалниот модел.

Со измените ќе се предвидува намалување на „бонус пратениците“ од 50 на 30, со тоа што тие ќе им припаднат на партиите или коалициите што ќе освојат повеќе од 40 отсто од гласовите.

Предвидени се и измени во големинате на изборните единици, така што една избирна единица ќе може да дава најмногу до 10 пратеници.

Политичките аналитичари сметаат дека измените во Изборниот закон ќе уследат по објавувањето на извештајот на меѓународните кредитори за спроведувањето на реформите во Грција, по што во текот на септември ќе биде спорведена и реконструкција на Владата.