Грците против политичарите поради „распродавањето“ на името Македонија

За 6-ти јуни во 19,30 часот, организаторите на протестите за „грчкиот карактер на Македонија“, закажаа нови, паралелни демонстрации низ повеќе градови во Грција,

Последните случувања во преговорите за името е главниот повод за новите активности, според „Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија“ што се јавува како организатор, јави дописничката на МИА од Атина.

По Солун и Атина, како што соопштуваат организаторите, сега се во контакт со локалната администрација за одржување протести во други градови, но и за добивање поддршка „во борбата на грчките граѓани против распродавањето на името на Македонија“.

„Преку овие протести, Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија ќе се обиде да ги потсети политичарите во земјата дека грчкиот народ донесе одлука во врска со името на Македонија и бара примена на одлуките. Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија ѝ разјаснува на грчката Влада дека ниту едно име што го вклучува терминот „Македонија” не може да биде прифатено од страна на грчката страна“, пишува во соопштението на организаторите.

Идентични протести на коишто учествуваа десетици илјади лица се одржаа и во јануари годинава во Солун кога беше запалено македонското знаме. Со грчки знамиња и знамиња со сонцето од Вергина, со слогани дека Македонија е грчка и со плакати со пораки „Македонија била е и ќе биде грчка“, „Тргнете ги рацете од Македонија“, „Името е нашата душа“ илјадници Грци се собраа во центарот на Солун на протестот за „одбрана на името“. Две седмици подоцна по исто повод беше одржан и собир во главниот град Атина, на кој впечатливи беа лицата во униформи на андартите од XIX век, кои ги палеа македонските села во Егејска Македонија.