Грчка инвестиција во Битола, нови 600 вработувања

Грчката компанија „Цераметал“ (Cerametal) од Коропи, Атина ќе инвестира во Република Македонија. Компанијата ќе вложи 12 милиони евра во Битола и ќе отвори 600 нови работни места.

Реализацијата на оваа инвестиција е веќе во напредна фаза. „Цераметал“ на јавен повик купила градежно неизградено земјиште во индустриската зона „Жабени“ со вкупна површина од 45 илјади квадратни метри.

Веќе се во тек подготовките за едукација на првите машински и електроинженери кои ќе бидат пратени на тримесечна обука во фабриката на компанијата во Атина, по што ќе почне циклусот вработувања.

Од менаџментот на компанијата за „Лидер“ велат дека пресудни биле поволната бизнис клима и инфраструктурната поврзаност со матичната земја, ниските оперативни трошоци за работа, квалитетната и образована работна сила.

Се работи за компанија што е специјализирана за производство на метални производи и зајакнати метални конструкции, како и на материјали за заварување. Нејзините производи се наменети за енергетскиот сектор и за делот на градежни машини.

Грчката фирма е голем извозник, 40% од вкупното производство и завршуваат во Германија, па следуваат Шпанија, Канада, Чиле, Бразил, Турција, Русија, Индонезија, Јапонија и Тајван.

Компанијата веќе ги има изработено плановите за Македонија. Во првата фаза вложува 5 милиони евра, за потоа вкупната инвестиција да достигне 12 милиони. Бројот на вработени се проектира на 600.

Во почетокот ќе се стартува со производствен капацитет на површина од 5 илјади квадратни метри, а потоа се планира проширување до 23.700 квадратни метри.

Првата фаза ќе опфати 150 вработени во производството, а уште 30 ќе бидат вклучени во делот на дистрибуција, одржување, шпедиција, сè со финалната бројка од 600 вработени.