Балкан

Грчка заменичка министерка во скандал со државни пари за кирија

Грчка заменичка министерка во скандал со државни пари за кирија

Грчкиот министер за економија Димитрис Пападимитриу денеска поднесе оставка, откако неговата сопруга Ранија Антонопулу, заменичка министерка за труд, социјалано осигурување и социјална солидарност, синоќа поднесе оставка по скандал со примање надомест за изнајмување стан.

Грчката државна телевизија ЕРТ јави дека Пападимитриу поднел оставка поради сочувство кон својата сопруга.

Грчките медиуми открија дека Антонопулу, која од 2015 година е задолжена за невработеноста, барала и примила надомест за изнајмување стан во Атина, и покрај податоците во годишниот извештај дека поседува половина милиона долари. Таа во изминатите две години од Владата примила помош од 23.000 евра за изнајмување стан.

Медиумите тврдат дека според изјавата за доходите, Антонопулу и нејзиниот сопруг Пападимитриу, во 2015 година имале доходи од 450.000 евра и поседуваат речиси половина милион евра во банкарски депозити, како и имоти во Грција и странство.

Портаролот на грчката Влада Димитрис Ѕанакопулос изјави дека премиерот Алексис Ципрас разговарал со Антонопулу и и рекол дека „не е во ред“ таа да користи такви надоместоци, и оти ја прифатил и оставката на нејзиниот сопруг.

Антонопулу изјави дека не сакала да злоупотребува, но го искористила надоместот затоа што имала право на тоа. Таа рекла дека ќе ги врати парите на државата.

Оставка од заменичката министерка бараа претставници на опозициските партии тврдејќи дека е непристојно да и се даде надомест кога Грција се соочува со економска криза.

Грчката Влада наведе дека планира на членовите на Кабинетот да им го да укине плаќањето надомест за изнајмување станови.