Грчката Влада подготвува нови реформи и даноци

„Катимерини“ коментира дека и покрај оптимистичкото расположение во Атина, властите во Брисел изразиле сомневање во врска со изгледите за олеснување на грчкиот долг и улогата на Меѓународниот монетарен фонд во грчката програма.

Во вчерашниот говор пред членовите на неговиот кабинет, Ципрас зборувал за „корисни резултати за грчката економија“, додека неговиот коалициски партнер, Панос Каменос најавил „излез на Грција од ерата на кредитори “.

Извори блиски до премиерот рекле дека во наредните денови ќе бидат подготвени дополнителни закони, со цел на следниот состанок на Еврогрупата на 24 мај да можат да се потпишат нови кредити. Портпаролката на Владата, Олга Геровасили изјави дека исплатата на следниот заем се очекува да биде околу 5,7 милијарди евра, и најверојатно, ќе биде во јуни.

Дополнителните реформи, кои треба да се регулираат со еден закон, вклучуваат создавање на нов фонд за приватизација, нови правила во врска со управувањето на нефункционалните кредити во грчките банки и воведување серија „индиректни“ даноци, вклучувајќи и даноци на гориво, кафе и интернет конекции. Владата исто така мора да донесе закон за воведување на механизам за автоматско намалување на државната потрошувачка ако Грција не ги исполни буџетските цели.

Откако ќе помине следното гласање во Парламентот и состанокот на Еврогрупата, се очекува Ципрас да направи реконструкција на Владата. Тоа најверојатно ќе се случи на крајот од јуни, кога се очекува Сириза да одржи партиска конференција.

Во исто време, лидерот на главната опозициска партија Нова демократија, Киријакос Мицотакис, го критикуваше „радосното расположение“ на Владата и го нарече „театрално“, тврдејќи дека Владата потпишала „четврти меморандум“.