Грчкиот извоз најпогоден од блокадите – Дневни загуби од 30 милиони евра!

Моменталните блокади на земјоделците на националните автопати и граничните премини во Грција би можеле да ги чинат извозниците и по 30 милиони евра дневно, пишува „Катимерини“ повикувајќи се на изјави од експертската јавност, кои предупредуваат дека ако се остварат заканите за затварање на пристаништата и железничкиот сообраќај, овој број ќе се искачи на 65 милиони евра дневно.

Фармерите протестираат против предлозите за реформи на пензиите, од средината на јануари, а досега поставуваа блокади на клучните раскрсници на националните патишта, како и на граничните премини, кои што понекогаш траат и по 12 часа и го попречуваат сообраќајот.

Според податоците од Панхеленската Асоцијација на Извозници, 43 отсто од грчкиот извоз се праќа по патиштата, што врз основа на податоците од 2015-тата година изнесува околу 30, 8 милиони евра дневно. Во целост поморскиот извоз во текот на минатата година чинел по 37, 2 милиони евра дневно.

Грчките извозници се загрижени поради моменталните блокади, поради што нивните превозници се приморани да се упатуваат по подолгите алтернативни патишта или да поминуваат и по неколку часа во чекање додека земјоделците да ги тргнат блокадите на патарините или на царинските терминали. Исто така се очекува дека ќе има штети и поради задоцнувањето на испораките.

Како што јавува „Катимерини“, бокадите во моментов немаат влијание врз домашниот пазар, иако професионалците предупредуваат дека неможе да се гарантира дека ова ќе продолжи вака, доколку протестите продолжат и натаму.