Грчки медиуми: Грција ќе има корист од федерализацијата на Македонија

Дел од најтиражните грчките весници заземаат јасен став против одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да не го додели мандатот и поддржуваат федерализација на Македонија, со која што ќе се решеле и спорните прашања со Грција, како името и симболите. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, за грчкото јавно мислење се чини и дека нема дилема дека на евентуални нови избори ќе победи ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски.

Во анализа на солунскиот весник “Македонија” се тврди дека одбивањето на претседателот Иванов да го даде мандатот на СДСМ, не било заради одбрана на унитарноста, туку изговор за да се заштителе ВМРО-ДПМНЕ и Груевски. Весникот нагласува дека евентуалната федерализација на Македонија ќе била од корист за Грција.

„Федерализација на Скопје ќе донесе придобивки за грчката надворешна политика, со оглед на тоа што ќе ги стави на маса сите прашања што не засегаат, од името до симболите и националната химна. Федералната држава нема да биде држава на “Македонскиот народ”, туку федерација која што ќе ја сочинуваат повеќе националности, под претпоставката дека Македонците се националност”, се вели во текстот.

КАТИМЕРИНИ: За Заев ова е последна шанса – Груевски ќе победи ако има нови избори

Идентични тези и во последната анализа на весникот “Катимерини”, во која што се вели дека доколку ВМРО-ДПМНЕ ја загуби власта, ќе пропаднела и десетгодишната политика на “македонизмот”.

„Лидерот на втората партија во редот за формирање влада, Зоран Заев, кој што заедно со Албанците го формира владиното мнозинство, знае дека можеби нема да има друга ваква шанса, затоа што ако во земјата се одржат нови избори, Груевски може да победи прогласувајќи го за “национален предавник”.  А во однос на третата страна, Албанците, најголемиот момент после потпишувањето наОхридскиот договор во 2001 ва е токму сега. Сега е всушност момент да се направи уште еден голем чекор кон федерализација на земјата и оттогаш натаму во следните години веќе се ќе биде можно”, се вели во анализата на „Катимерини”.

Во продолжение на текстот шефот на државата Иванов се обвинува за наводно грубо кршење на Уставот, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски за национализам.

„Во меѓувреме, додека времето опасно одминува, тројцата играчи остануваат на своите позиции. Заев и Албанците очекуваат од претседателот Иванов да им го даде мандатот за формирање влада, со оглед на тоа што имаат парламентарно мнозинство, а врховниот орган на власта имајќи го зад себе националистот Груевски, тоа го одбива, грубо кршејќи го Уставот, тврдејќи дека таква коалиција ќе им ја предаде “македонската држава” на Албанците, со што на Балканот веќе постои причина за тревога”, се вели во текстот.

“Катимерини” пишува дека ваквата домашна криза досега вообичаено ќе беше решена пред се од страна на Американците, со помош од Европејците, но промената на власта во САД создала опасен вакуум во моќта на Балканот, кој што наводно се експлоатирал од страна на Москва. Во анализата со незадоволство се коментира и процесот што влијателни американски сенатори го покренаа против американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли, имплицирајќи дека токму Груевски стоел зад целата работа.

„Во овој општ хаос, американскиот амбасадор Џес Бејли не знае што да направи за да го изгаси огнот. До пред изборите, политиката на Стејт Департментот беше почитување на уставниот поредок, конвергенција на Македонците и Албанците и реформи за НАТО и ЕУ. Сега Вашингтон го обвинува дека поддржувал левичарски политички сили за сметка на другите политички групи во земјата. Ова тврдење, повикувајќи се на “доверливи извори”, шестмина американски сенатори во писмо го пратија до новиот шеф на американската дипломатија Рекс Тилерсон, а беше објавено од медиумите во Скопје со барање за негово итно отстранување. Се разбира дека не мора многу да се размислува за да се согледа од каде доаѓаат овие доверливи извори”,  стои во текстот на “Катимерини”.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.