Грчки медиуми: Национализмот на Груевски – предизвик за грчката дипломатија

Gruevski Ime

Позициите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и на лидерот Никола Груевски и натаму се мета на критика во грчката јавност, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.

Во пресрет на предвремените парламентарни избори во Македонија, неколку грчки весници акцент ставаат на непопустливоста за името на Груевски и на актуелната власт, нагласувајќи дека факторот време во однос на прашањето за името работи во корист на Македонија.

Под наслов „Грчката дипломатија се соочува со големи предизвици“, еден од најтиражните грчки весници „Етнос“ пишува дека еден од нив е тоа што Никола Груевски тргнал на предвремените избори со националистичка агенда.

Во Скопје, каде што грчкиот министер за надворешни работи лично презима иницијативи, има стагнација бидејќи мерките за градење доверба се имплементираат многу бавно, додека прашањето со името е во суштина замрзнато, а тоа не се должи само на фактот што во декември доаѓаат клучни избори. Министерот за надворешни работи на Скопје Никола Попоски по неговите контакти со министерот Коѕиас во Њујорк изјави дека напорите сега се фокусирани на мерките за градење доверба, а дека во однос на прашањето со името остануваат големи разлики. Но, факторот време во однос на прашањето за името се докажа дека работи во полза на ПЈРМ, пишува „Етнос“.

И во анализа на весникот од Лариса „Елефтерија“ се констатира дека времето во однос на прашањето со името не е во корист на Грција. Весникот потенцира дека грчката влада во 1992 ра година имала можност да договори компромисно име кое што немало да ја загрози „грчкоста“ на Македонија, додека денеска од македонска страна се соочуваат со непопустливост и неприфаќање на таквите предлози.

Во 1992-ра бевме во можност да договориме компромис, компромисно име кое што немаше воопшто да го потцени грчкиот карактер на Македонија. Но, никој не сакаше да ја преземе стигмата на национален предавник и сите се залагаа за најгордиот национален став, а тоа дека државата не смее во своето име да го содржи терминот Македонија или негови деривати. И затоа го одбија планот ПИНЕИРО, кој што на Скопје му предвидуваше сложено име како Славомакедонија, Нова Македонија, Горна Македонија итн. Минаа 24 години и повеќе од 150 држави ја признаа под уставно име и велат Македонија. Најлошата работа е што како што минува времето, условите и настаните во Скопје укажуваат на се поголема непопустливост, а решенијата што можеа да бидат прифатени во минатото, денеска повеќе не се прифатливи за нив, се вели во анализата на весникот.

„Етнос“, пак, пишува и дека останатите предизвици со кои што Грција се соочува, освен од лидерот на македонската владејачка партија, Никола Груевски, доаѓаат и од лидерството во Анкара и во Тирана.

Весникот констатира и дека целиот западен Балкан може да се најде вовлечен во нов конфликт во сферите на влијание меѓу Москва и Западот.

Во однос на генералната геополитичка игра за регионот постои силна загриженост дека Американците уште еднаш, во обидите за спречување на руската пенетрација на Балканот, ќе го искористат албанскиот национализам и иредентизам, кој што после сукцесијата на Косово од Србија е неконтролиран, пишува „Етнос“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.