Грчки медиуми за „Дуинг бизнис 2017“: Тешки бизнис времиња во Грција – Македонија скокна на 10 место

Неповолната бизнис клима во Грција што ја смести земјата на 61 во место во извештајот  “DoingBuissnes2017”, наспроти десеттата позиција  за Македонија, деновиве се предмет на анализа во дел грчките медиуми, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.

„Правењето бизнис во Грција стана уште потешко”, весникот “Катимерини” пишува дека Грција во годинешниот извештај, има пад од 3 места во споредба со ланската година.

„Вкупниот резултат остварен од Грција е ист како и ланската година, нешто што секако дека не е охрабрувачко. Прво, затоа што покажува стагнација во време кога се бара дури и поголемо забрзување на реформите. Второ, затоа што другите земји направија поголеми чекори, добивајќи конкурентска предност над Грција, во смисла на олеснување на бизнисот и инвестициите. Освен Турција, која што ја зазема 69 та позиција, сите соседни земји ( Албанија, Бугарија, Италија, Кипар и пј Р Македонија ) се многу повисоко рангирани. Пј Р Македонија всушност, оваа година се искачи на 10 тото место, во споредба со 16 тотото од лани”, се вели во текстот на “Катимерини”.

Во колумна на грчкиот економски портал “Капитал”, авторот со нескриено незадоволство ја коментира десеттата позиција за Македонија.

“Земјата со најголема конкурентност за 2017 е Нов Зеланд. А ФИРОМ ( да, Скопје ), се искачи до десеттото место.  А Србија, една од најподобрените земји меѓу 190 те кои што се застапени во истражувањето, се искачи на 47 ма позиција. Останатите соседи се позиционирани на следен начин: Албанија е 58 ма , Бугарија 39 и Турција 69…”, се вели во колумната на ”Капитал” .

Една од клучните области во кои што е влошена позицијата на Грција е оданочувањето. Според грчките аналитичари, даноците во Грција се неподносливи, ако се земе предвид дека на пример, даноците и социјалните придонеси изнесуваат над 50 преценти од корпоративниот профит.