Грчки медиуми за состанокот во Солун: Ќе се дели ли Скопје?

„Дали ќе го делат Скопје ? – Трилатерален состанок на Грција, Србија и Бугарија во Солун”, е насловот под кој што грчкиот весник „Проњуз“ пишува дека целта на денешниот состанок била „неутрализирање на изворот на нестабилноста“ креирана во Македонија.

Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, весникот пишува дека во овој контекст се размислува дури и за сценарија за поделба на Македонија на три зони на влијание – српска, грчка и бугарска.

Скопје се претвори во рана за целиот Балкан, не само затоа што е фокус на дестабилизација, туку и затоа што ја крадат историјата не само од Грција, туку и од Србија и Бугарија, стои во текстот.

Весникот пишува дека сценариото, што најверојатно е во игра, е всушност повторување на предлогот од минатото за поделба на нашата земја меѓу Грција и Србија. Единствената разлика била тоа што овој пат е вклучена и Бугарија, која што била загрижена за наводните иредентистички претензии на Македонија кон Пирин.

pronews-12-07

„Проњуз“ информира и дека на денешните средби на грчкиот премиер Алексис Ципрас со бугарскиот колега Бојко Борисов и српскиот претседател Александар Вучиќ, од особен интерес ќе биле наводните историски и соседски контроверзии што потекнувале од Македонија.

Инаку, според официјалните најави, на денешниот состанок на маса ќе бидат поставени и прашањата во врска со соработката во областа на енергетиката, како и развојот на настаните во глобални и регионални рамки.