Западот ќе ја притисне Грција за Македонија

Наесен Грција ја чека меѓународен притисок во врска со името на Македонија, пишува грчкиот весник „Парон“.

Изданието  информира за коференцијата на земјите од Западен Балкан, под покровителство на германската канцеларка Ангела Меркел, а која ќе се одржи на 28 – ми август во Берлин.

„Парон“, „со жалење“ констатира дека нашата земја на конференцијата е поканета под уставното име Република Македонија. Германија со конференцијата во Берлин, која ќе се одржи само неколку дена пред самитот на НАТО во Велс, на 4 и 5 септември, испраќа силна порака до земјите од Западен Балкан во време кога проширувањето на ЕУ е речиси замрзнато поради економската криза и институционалните слабости на ЕУ, но главно поради ксенофобичниот бран низ Европа, пишува грчкиот весник.

Во однос на Скопје, „Парон“ коментира дека веќе неколку месеци во меѓународните кругови владее клима оти одлуката на Грција да стави вето на членството на Македонија во НАТО на Самитот во Букурешт е во спротивност со одлуката на Меѓународниот суд на правда во Хаг според која Атина ја прекрши Времената спогодба во која стои дека нема да го блокира членството на Македонија во меѓународни организации.

– Токму затоа, со доближувањето на есента и самитот на НАТО во Велс, ќе се интензивира притисокот за името на Македонија… Атина, која поради разните активности на заменик премиерот и министер за надворешни работи Венизелос, Скопје го стави на ’полица’, веројатно во наредните месеци ќе биде малку изненадена, пишува грчкиот весник.

„Парон“ подвлекува и дека не е случајно тоа што на самитот за запирање на сексуално насилство во конфликти во Лондон, нашата земја учествуваше под уставното име, поради што Грција и Кипар не присуствуваа на овој важен меѓународен состанок.

Весникот нагласува и дека во Лондон министерот Попоски разговараше со британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг и со министерот за европски прашања Дејвид Лидингтон.

Како доказ за германската поддршка за Македонија, весникот потсетува и на изјавата на Меркел за време на заедничката прес-конференција со српскиот премиер во која рече дека Германија сака да соработува разумно со Македонија, подвлекувајќи дека германската канцеларка го употребила уставното име на нашата земја.

„Парон“ заклучува дека со организирањето на конференцијата во Берлин, „Германците сакаат да се прикажат себеси како локомотива на Балканот“ и оти бараат ваков вид на конференции да имаат по постојана форма, додавајќи дека следната ќе ја организира Австрија.