Грчките конзервативци попопуларни од владејачката левица

Грците повторно повеќе ја посакуваат десноцентристичката партија Нова демократија за власт во земјата и доколку сега би имало избори за оваа партија би гласале 25,8 отсто од граѓаните, наспроти 15,6 отсто што се изјаснуваат за сега владејачката левичарска СИРИЗА.

Овие резултати го покажа најновата анкета на агенцијата „Metron Analisis“, што беше објавена во централниот дневник на телевизијата „Антена 1“, јавуваат грчките електронски весници.

Според анкетата, трета политичка сила во земјата при евентуално парламентарно изјаснување повторно ќе биде неонацистичката Златна зора со 5,6 отсто од гласовите, следена од Демократскиот блок со 4,9 отсто, Комунистичката партија со пет отсто, центристичката Потами  со 1,7 отсто, Независни Грци со 2,1 отсто, Сојузот на центристи со 2,3 отсто, Народно единство со 1,5 отсто, Андарсија со 1,1 отсто и Курс кон слободата со 1,5 отсто.

Испитувањето на јавното мислење покажува дека 21 процент од анкетираните лидерот на конзервативците Киријакос Мицотакис го посочуваат како најприфатлива политичка фигура за премиерската функција, додека 12 отсто повеќе го преферираат лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас. Но, висок е процентот, или 46 отсто, на оние кои одговориле дека за нив „ниту еден од двајцата понудени не е прифатлив“.

Досегашното владеење на СИРИЗА негативно го оцениле дури 81 отсто од анкетираните, а само 17 отсто му дале позитивна оценка.

За 67 отсто од анкетираните владата на Ципрас ќе ја одведе земјата кон полошо, а 12 отсто веруваат дека ќе биде подобро.