Грчките медиуми оценуваат дека е тешко остварлив договор меѓу Атина и Скопје

Постигнувањето на договор за решавање на спорот за името e тешко остварливо од страна на Атина и Скопје, пишува во четвртокот грчкиот весник Катимерини, по синоќешната виенска средба меѓу шефовите на двете дипломатии и специјалниот претставник на ОН.

Додека главните прашања остануваат нерешени, посредникот на Обединетите нации, Метју Нимиц ја истакна потребата за интензивни преговори во следните неколку сецмици меѓу Грција и Македонија, за најпосле да биде решен спорот за името, кој фрла сенка во односите меѓу двете земји повеќе од 25 години, пишува весникот.

„Двете страни се несигурни во однос на барањето на Грција, Скопје да се одлучи за име кое ќе се користи и за внатрешна и за надворешна употреба, како и одбивањето на Македонија да го промени уставот“, коментира Катимерини.

Република Македонија и Грција се посветени на изнаоѓање решение на спорот за името и преговорите ќе продолжат следните седници, изјави Нимиц по синоќешната средбата во Виена.

„Разговаравме за најитните прашања во односите меѓу двете земји, вклучително и прашањето за името“, рече Нимиц и додаде дека во текот на последната рунда преговори во Виена двајцата шефови на дипломатиите имале „интензивен дијалог и покажаа меѓусебно разбирање“.

„Ова беше интензивна дискусија, многу срдечна и … двете страни се многу посветени на постигнување решение. Процесот ќе продолжи следните седмици“, соопшти поранешниот американски дипломат.

Двајцата министри за надворешни работи не дадоа никакви изјави по завршувањето на разговорите во средата вечерта во Виена.

Пред почетокот на тие разговори, македонскиот премиер Зоран Заев изјави дека очекува во Виена да биде направен „чекор напред“ во решавањето на спорот, искажувајќи верба во двајцата министри и истакнувајќи дека самиот тој е оптимист.

„Има напредок кој ни дава повод да направиме чекор напред и на денешната средба во Виена. Европските односи, преку дијалог да се најде решение, ни испраќаат сигнал за подобра иднина“, рече Заев.

Двајцата допломати ќе се сретнат уште двапати во следните три седмции. Следната средба ќе биде во Солун на 3-ти и 4-ти мај во рамки на самитот меѓу Грција, Албанија, Македонија и Бугарија, а на 11-ти и 12-ти мај Коѕијас и Димитров ќе се сретнат на самитот на балканските држави.

Најголем проблем во изнаоѓањето на решение во овој спор е грчкото инсистирање на варијантата „ерга омнес“, односно име за севкупна употреба, што подразбира и промени во Уставот на Република Македонија. Премиерот Заев неодамна предизвика реакции во грчките медиуми, кога спомена дека тоа би требало да се однесува и на грчкиот устав, а во средата во интервјуто за бугарската телевизија бТВ рече меѓу другото дека „важно е да не го смениме називот кој ни стои на Владата“ .

„Кога влеговте во оваа зграда, однадвор пишува ‘Влада на Република Македонија’. Да не се бара тоа да го промениме“, порача Заев.