Грчките земјоделци денеска решаваат за продолжување на блокадите

Претставници на грчките земјоделци денеска во 11 часот ќе имаат состанок во Солун на кој ќе одлучат за нивната понатамошна мобилизација, јави дописнкот на МИА од Атина.

Друг состанок на земјоделците кои ја блокираат Никеа, во близина на Лариса, ќе се одржи еден час подоцна во време кога ескалираат нивните протести, кои се одговор на контроверзните планови на Владата за реформи во пензискиот систем и даночната политика.

Земјоделците и денеска ќе ги блокираат патиштата на два часа од 12 до 14 часот по локално време (11 до 13 по средноевропксо време), како и границите на Грција со Бугарија, Македонија и Албанија.

Вчера сепак беа отворени царинските испостави во северна Грција, во близина на границата со Бугарија. Земјоделците велат дека ќе продолжат да ги блокираат царинските служби, но кога се создава голем сообраќаен метеж тие ги деблокираат за да се избегнат дополнителни проблеми.

Во меѓувреме, Синдикатот на морнарите (ПНО) најави нов 48-часовен штрајк за утре и задутре. ПНО исто така, одлучи да учествува во штрајкот што на 4 февруари го организира најголемиот синдикат ГСЕЕ, кој најави дека е можна ескалација на работничките протести кога нацрт-законот за реформи во социјалното осигурување ќе биде поднесен во Парламентот.