Грчките земјоделци се закануваат со блокади на преминот Богородица

Грчките земјоделци не само што не се откажуваат, туку предупредуваат и се закануваат дека доколку владата не ги чуе нивните барања ќе започнат со дополнително интензивирање на блокадите, објави Канал 5.

Откако граничниот премин кон Бугарија беше вчера затворен, а се создаде редица од 20 километри со камиони кои чекаат да излезат од Грција, сега веројатно на ред е граничниот премин кон Македонија.

Вчера, според информациите во грчките медиуми, на тракторите од Кукуш кои што се „задолжени“ за овој граничен премин им се придружија трактори од други градови под закана дека можно е преминот да биде затворен или на 12 часа или на неодредено време.

За сега нема информации дали земјоделците и официјално донеле ваква одлука. Веројатно е дека и денеска, како и во изминатите денови, ќе важат истите термини за блокади: од 11 до 13 часот по македонско време за Богородица, а од 11 до 14 часот за Дојран, и 18 до 20 часот, за трите премини.

Месноста Темпи кај градот Лариса што е главната точка на блокадите вчера беше 12 часа блокирана.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.