Свет

„Гринпис“ ќе биде казнет ако го спречи „Гаспром“ да достави нафта за Ротердам

„Гринпис“ ќе биде казнет ако го спречи „Гаспром“ да достави нафта за Ротердам

Меѓународната организација за заштита на природата „Гринпис“ би можела да биде казнета доколку се обиде да ги спречи доставките на нафта од руската компанија „Гаспром“ во холандското пристаниште Ротердам, објави МИА.

Судот во Амстердам синоќа донесе ваква одлука, а паричната казна за Гринпис би можела да се движи од 50.000 до 100.000 евра за секој нејзин евентуален обид да го спречи преминот, растоварот или тргнувањето на нафтените танкери.

Холандскиот огранок на Гринпис вчера соопшти дека нивниот брод „Арктик санрајз“ по ремонтот во пристаништето на Амстердам тргнал да му го попречи патот на танкерот „Михаил Улјанов“, кој треба да пристигне со нафта на „Гаспром“ денеска во Ротердам.

Претходно оваа година Гринпис се обиде да го спречи истиот тој руски танкер да транспортира нафта од Арктикот до пристаништето Ротердам. Тогаш мораше да интервенира и холандската полиција, која ги уапси членовите на меѓународната организација.