Гризењето е знак дека Суарез имал тешко детство

Познатата новинарска куќа „Би-Би-Си“ побара стручна анализа од познатиот спортски психолог, Том Фосет, кој даде свое мислење за новиот срамен потег на репрезентативецот на Уругвај, Луис Суарез, кој на дуелот против Италија за рамо го гризна централниот дефанзивец на “азурите”, Џорџо Киелини.

„Гризењето на Суарез беше предвидливо, со оглед дека се случило веќе во минатото. Ако еднаш се случило, многу веројатно е дека може да се повтори. Тој помина неколку сеанси кај психолог откако го направи тоа во дуелот со Бранислав Ивановиќ, но очигледно дека ниту тоа не му помогна да ја искорени својата навика. Тој е талентиран фудбалер, но се губи на теренот во моменти кога самиот натпревар носи голем психолошки притисок. Низ годините кога се формира личноста, многу се важни факторите од надворешната средина. Ако се погледне малку подобро детството на Луис Суарез, станува јасно дека тој израснал во лоша средина и дека се борел за да преживее низ улиците на Уругвај“, изјави спортскиот психолог.

Напаѓачот на Ливерпул е роден во Салто, како четврто од седумте деца во семејството. На седумгодишна возраст тој заедно со семејството се сели во Монтевидео во потрага по подобар живот, а само две години подоцна неговите родители се разделиле. Тој заедно со своите браќа буквално израснал на улица, каде и ги научил фудбалските вештини.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.