Гризман ја одби Барселона, останува во Атлетико

Напаѓачот на француската фудбалска репрезентација 27-годишниот Антоан Гризман во четвртокот во емисијата „La Decision“ емитувана на шпанскиот телевизиски канал Movistar Plus објави дека нема да ја напушти екипата на мадридски Атлетико и нема кариерата да ја продолжи во Барселона иако овој трансфер се сметаше за веќе завршен.

„Донесов одлука да останам во Атлетико“, изјави Гризман во емисијата којашто според медиумите потсетува на сличната објава на најдобриот кошаркар на денешницата Леброн Џејмс од 2010 година кој во телевизиската емисија со наслов „The Decision“ го објави своето заминување од Кливленд Кавалирс во Мајами Хитс.

Французинот потао твиташе: „Мои фанови, мој тим, мој дом: Атлетико Мадрид“.

Во финишот на штотуку завршената сезона се шпекулираше дека Гризман ќе го напушти Атлетико и кариерата ќе ја продолжи во Барселона којашто за овој извонреден стрелец беше подготвена да плати 100 милиони евра.

Меѓутоа, Гризман кој изминатите четири сезони во дресот на Атлетико постигна 112 голови на 209 натпревари, решил да остане во редовите на мадридските „јорганџии“ со коишто го врзува договор до 2022 година. Но, сега се очекува дека раководството на Атлетико ќе мора да му ја зголеми платата на околу 20 милиони евра годишно.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.