Грк се обидел да прошверцува античка монета на скопскиот аеродром

Грчки државјанин се обидел да прошверцува античка монета на скопскиот аеродром Александар Велики, информираат од Царинската управа.

На барање на аеродромската рентген служба, царинските службеници извршија контрола на чекираниот багаж на патникот, при што пронајдени се монети од поново време, што немаат вредност, но при извршениот личен претрес на патникот, во џеб од неговата јакна пронајдена е една монета од антички период, за која патникот не поседувал никаков документ за потекло.

Заради утврдување на потеклото на монетата, истата ќе биде предадена на вештачење во Управата за заштита на културно наследство.

Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија една царинска измама и повеќе обиди за криумчарење стока, при што привремено се цигари, девизи, козметички средства, средства за чистење,  гуми за џвакање, прскалки, фалсификати и друго.

Во заплената на Царина се и 166 штеки цигари со македонски акцизни маркички, откриени во два одвоени случаи, на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на чекираниот багаж на двајца македонски државјани, пријавени за излез од државата.

Во првиот случај, патник кој имал намера да отпатува со лет за Љубљана, се обидел во својот багаж нелегално да изнесе 106  штеки цигари WEST, RODEO, SAN Slims и DAVIDOFF.

Во вториот случај, во багажот на патник кој имал намера да отпатува со лет за Лондон,  откриени се 60 штеки цигари Karelia Slims .

Вкупно 5.000 евра, се откриени на царинската испсостава Блаце-патнички промет, при личен претрес на косовски државјанин, кој управувајќи патничко возило со косовски регистарски таблички, се пријавил за влез во државата. На прашање на царинските службеници, возачот пријавил дека со себе носи 10 илјади евра, но при личен претрес кај него биле пронајдени 15 илјади евра. Согласно законските прописи, 10 илјади евра-износ што нерезидент може слободно да го внесе во државата му се вратени, додека 5 илјади евра привремено задржани.

Царината и задржи стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост, и тоа 660 дезодоранси и тоалетни води со ознаки на заштитени трговски марки, откриени на царинската испостава Богородица-патнички промет, при контрола на товарно возило со турски регистарски таблички, пријавено за влез во државата. Возилото било натоварено со разна стока со потекло од Турција, наменета за фирма-увозник од Косово. Пазарната вредност на стоката, доколку би се продавала како оригинална, се проценува на околу 600 илјади денари.

На царинската испостава Прилеп е откриен обид за лажно прикажување на количината на стока при извозно царинење.

Фирма од Прилеп, имател на одобрение за увоз за облагородување, со една царинска декларација пријавила за повторен извоз навлаки за перници. При вршење на детален преглед на стоката, царинските службеници констатираа недостиг на 5.775 навлаки, во однос на пријавената количина. На тој начин направен е обид за лажно раздолжување на претходно привремено увезена стока, чија вредност е проценета на над 300 илјади денари, а доколку истата се пушти во слободен промет би се избегнале царински и други давачки во износ од над 100 илјади денари.