Струмица: Гробари земале златни предмети од гробови па ги продавале

Гробари од погребален оператор во Струмица земале златни предмети од гробови па ги продавале.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против Р.Т. (36) од Струмица и Г.П. (47) од Штип, со привремен престој во Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „сквернавење на умрен“.

Пријавените, како што информира МВР, во текот на 2015 година, вработени како гробари во погребален оператор во Струмица, одземале златен накит  при изведување работни задачи.

Имено, пријавените при ископи на стари гробови поради закоп на други починати лица  го одземале накитот кои го пронаоѓале, а потоа го продавале на неколку златари во Струмица.

При претрес во домот на пријавените биле пронајдени и со Потврда за одземени предмети одземени се две откупни белешки за откуп на злато од златара. Во разговор со полициски служебници пријавените ги посочиле гробовите од каде го одземале златото.