ГРОМ предупредува на тајноста и колку е штетен договорот со Бугарија

Поттикнат од неодамнешните превирања на дипломатски план меѓу Македонија и Бугарија, во сабоатата потпретседателот на ГРОМ, Љупчо Пренџов, одржа прес- конференција за медиумите, цврсто истакнувајќи го ставот на својата партија предупредувајќи на тајноста во која власта на СДСМ го држи подготвувањето на овој договорот за добрососедство со Софија и на неговите можни штетни последници по македонската нација и државата.

„Очигледно дека притисокот од јавноста и политичките партии за договорот за добрососедство со Бугарија не можеа да го издржат ниту Зоран Заев ниту МАНУ. Како одговорија на притисокот? Со пиење кафе. Се прашуваме каков е овој премиер? На кафе ќе ги решел ситниците од договорот со Бојко Борисов, на кафе-муабет во МАНУ ќе ги замолчи академиците“, посочи Пренџов.

Додаде дека и претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, во саботата во телевизиски настап јасно кажа дека од страна на премиерот Заев на академиците ништо не им било соопштено, туку тие едноставно само пиеле „заедничко кафе“.

„Претседателот на МАНУ, академик Таки Фити веќе обзнани дека заеднички си го чествувале со Бугарите свет Кирил и Методиј. Како тоа г-не Фити за чествувањето на светите Кирил и Методиј одлучувате само вие експертите, а за заедничко чествување на Илинден ќе ви одлучуваат политичарите и вие ќе ја замајувате јавноста дека не знаете за што се работи. Ако не знаете други делови од договорот, знаете дека Заев и Борисов имаат намера да го чествуваат заедно Илинден. Зошто за ова молчите?“, запраша потпретседателот на ГРОМ , Љупчо Пренџов.

Тој додава дека на Зоран Заев и на СДСМ им се „полни устите“ со тоа, дека ќе имало дебати.

„За три седмици е Илинден. Нема ни ‘Д’ од дебата, но затоа Бојко Борисов се однесува одговорно кон својата нација. Тој веќе уште на 5 јули го доставил договорот до Комисијата за надворешни работи во бугарскиот парламент“, потсети Пренџов.

Според него, тоа значи дека договорот е готов, штом пратениците во бугарскиот парламент веќе го разгледуваат.

„Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, вчера во својата изјава јасно кажа дека преговорите со Република Македонија за склучување на договорот се водат интензивно од 2008 година, при што, до овој момент имало 11 експерски средби. Борисов, исто така, истакна дека која и да е бугарска влада да преговара со Македонија, тие од своите ставови не отстапуваат“, посочи Пренџов.

Граѓанската опција за Македонија се запрашува, додаде нејзниот потпретседател, со кое право Социјалдемократскиот сојуз и Зоран Заев ќе прават отстапки, откако и дефакто, претходно ги изгуби парламентарните избори.

„Вакви договори кои задираат во темелите на македонското национално постоење, далеку од очите на јавноста, не може да ги потпишува партија и премиер кои ги изгубиле парламентарните избори. ГРОМ предупредува дека потпишувањето на ваков битен договор, набрзина, среде лето за време на годишните одмори од страна на ‘сезнајкото’ Заев, без широк научен и политички консензус, ќе предизвика дополнителни конфронтации во и онака зовриената политичка сцена во Македонаја. Одговорноста за нестабилноста во земјата ќе си ја сноси Зоран Заев и неговите погрешни политики“, заклучи Љупчо Пренџов.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.