ГРОМ: Што дал Заев за странските служби да му дадат податоци?

По повод последните случувања во македонската политичка сцена, организациониот секретар на Граѓанската опција за Македонија и заменик министер на локалната самоуправа, Љупчо Пренџов одржа конфернција за печат на која го искажа  партискиот став околу непримерната политичка борба која се востановува на македонската политичка сцена од страна на опозицијата.

– Граѓанската опција на Македонија ГРОМ, како и повеќето граѓани во државата, остануваат зачудени околу тоа каков е тој лидер на најголемата опозициска партија, кој во повеќе наврати, јавно, не ја говори вистината?!Освен тоа, како што изјави на денешната прес конференција претставникот на ГРОМ, лидерот на СДСМ Зоран Заев е оној истиот кој што 60 дена ги тераше своите членови да трчаат во изборна кампања, за на крај на самиот ден на избори, на крајот во 19 часот, да изјави дека изборите се неважечки. Тој ист лидер во повеќе наврати јавно изјави дека не одел на преговори со Груевски и дека воопшто не се гледал со него, за да сега се осознае дека  за три месеци се сретнал со него дури четири пати?!

Околу контроверзното однесување и кондрадикторните изјави на лидерот на СДСМ, Пренџов посочи дека тој пред целата јавност изјави дека не го познава Зоран Верушевски, за сега да излезе дека не само што го познавал, туку и многу добро соработувал со него?!

– Заев, е лидер на партија кој јавно кажа дека податоците од прислушкувањата му ги дале прво „загрижени граѓани“, а сега, дека ги добил од странски разузнавачки служби. Згора не од соседна држава, туку од „подалечко“?!, истакна Пренџов.

Оттаму, во името на Граѓанската опција за Македонија ГРОМ Љупчо Пренџов праша:

-Зошто разузнавачките служби  би му ги дале тие податоци на Заев? Зашто е многу убав или заради црните очи?  Што тој за возврат дал или ќе даде?

Ние,  рече Пренџов,  во Република Македонија имаме закон со кој се жигосуваат луѓе кои соработувале со домашни тајни служби, кои во тоа време го штителе уставниот поредок и државата, а сега имаме лидер на опозицијата кој јавно призна дека соработувал со странски разузнавачки служби.

Тој подвлече оти ставот на ГРОМ е дека ова е преседан во политичкиот живот во светски размери и дека не постои некој којшто ќе поверува дека странските разузнавачи и службите со кои соработувал и мислат повеќе добро на земјата отколку власта која легитимно ја добила довербата од сопствените граѓани?!

– Методата на уцени и закани е својствена само на терористички организации,  а не на современи политички партии, рече организациониот секретар на партијата ГРОМ.

Тој додаде дека ГРОМ бара надлежните правосудни институции во транспарентна и докрај законска процедура да спроведат истрага, а извршителите да одговараат согласно законските прописи во Република Македонија.

– Во спротивно, рече тој, се воведува опасен политички преседан  на користење на аудиовизуелни техники во борбата  меѓу политичките субјекти, како методите на следење, изнудување…  Дали тоа значи дека сите политички партии треба да набавиме опрема за прислушкување и да формираме служби за следење, или пак да прибегнеме кон „поедноставното решение“ да прифатиме соработка со странски разузнавачки служби за да не снабдуваат со вакви информации, праша  Пренџов во името на ГРОМ.

Од Граѓанската опција за Македонија предупредуваат дека земјата ќе биде втурната во невиден хаос и беззаконие.

– Тоа не смеат да го дозволат ниту одговорните политички партии во Република Македонија, а првенствено не институциите на системот, рече Пренџов.

фото: Курир