Македонија

ГРОМ со поддршка за предлогот на Хан за предвремени избори

ГРОМ со поддршка за предлогот на Хан за предвремени избори

Граѓанската опција за Македонија вчера ја одржа седницата на Централниот одбор, на која се разгледуваше актуелната политичка ситуација во Република Македонија. Главна тема на Дневниот ред беше актуелната безбедносна политичка ситуација како и излез од политичката криза. Лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, за медиумите го истакна својот став за моменталните збиднувања од политички аспект.

– Граѓанската опција за Македонија на седницата ќе ја разгледува актуелната политичка и безбедносна ситуација во Македонија каде што сметаме дека пред членовите на Централниот одбор треба да ги презентираме политичките ставови на Граѓанската опција за Македонија, но исто така и да дадеме свој придонес за разрешување на актуелната политичка криза. Сакаме да ги реафирмираме нашите ставови, со тоа што бараме оваа криза што е предизвикана во државата, да има пред сé институционална разрешница, но во исто време треба да има и морална политичка одговорност за “актерите“, односно учесниците во оваа состојба која очигледно дека ја “облече“ Република Македонија во политичка и во безбедносна криза. Ќе препорачаме до членовите на Централниот одбор дека ја поддржуваме одлуката на комесарот Хан да се оди на избори бидејќи на тој начин се гледа целосна разрешница на сегашната политичка криза, изјави Јакимовски.

На седницата на Централниот одбор присуствуваа и политички аналитичари, како и претставници од дипломатијата, кои го пренесоа својот став пред членовите на ЦО на ГРОМ. Така, како тема на Дневниот ред, се вметнаа неколку поточки, односно образложение од политички аспект за случувањата во Кумановско, за случајот „Пуч“, како и за „Турски тек“ и гасоводот кој е актуелна економска тема во државата.