ГРОМ: Вицепремиерот Анѓушев да се реши меѓу владата или бизнисот

Потпретседателот на Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ), Љупчо Пренџов на прес-конференција во понделникот го обвини вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев дека влегол во Владата со цел за да ги штити своите интереси.

„Луѓето на кои им беше полна устата со борба против криминал и корупција, воспоставија марионетска влада која очигледно не дојде да му служи на народот, туку да ги штити сопствените и интересите на ’чадорот’. Случајот на компанијата ’Фероинвест’, сопственост на потпретседателот на Владата, Кочо Анѓушев која доби тендер вреден 2,6 милиони евра во АД ЕЛЕМ, е скандал без преседан во овие 25 години слободна и демократска Македонија“, истакна Пренџов.

Според него, Анѓушев се повлекол од управувањето во „Фероинвест“ не затоа што сакал, туку бил принуден, бидејќи тоа го наложува законот.

„Тој не управува со фирмата, но останува основач-сопственик и законот ова го прифаќа но, под услов, фирмата да нема зделки со владините институции, каде што се трошат народни пари. Тендерите од АД ЕЛЕМ му носат профит на сопственикот на ’Фероинвест’, потпретседател на Владата, Кочо Анѓушев и профитот по завршната сметка се слева на неговото лично конто. Иронијата да биде поголема, потпретседателот на Владата, Анѓушев е задолжен за еконономски прашања“, предупреди Пренџов.

Од ГРОМ прашуваат,дали СДСМ на овој начин замислуваат да ја одвојат партијата од државата и дали сметаат дека ова е најдобриот модел за функционирање на пазарната економија. Според нив, Анѓушев мора да одлучи дали ќе ја извршува актуелната функција – вицепремиер за економски прашања, но притоа да се откаже од било каква директна или индиректна деловна врска со Владата, или пак ќе си даде оставка од државната функција, па потоа да се занимава со бизнис во енергетскиот сектор.

„Господинот Анѓушев не може да седи во министерска фотеља и со истата таа Влада да прави бизнис. Сакаме да ја информираме јавноста дека до потпретседателот на Владата за економски прашања пристигнуваат разузнавачки информации кои се однесуваат на енергетскиот сектор, а кои се доверливи, строго доверливи или, пак, претставуваат државна тајна. Владата го подготвува и носи енергетскиот биланс кој е битен при донесување одлуки за неговата компанија. Исто така, Владата носи одлуки и разгледува информации кои се однесуваат на промена на девизниот курс кои и тоа како влијаат на неговиот бизнис“, истакна Пренџов.

Објасни дека за светските лидери какви што се Русија и САД енергетскиот бизнис е главна стратегиска, економска и воено-безбедносна битка која ја водат меѓусебно, и од неа зависи кој ќе ја снабдува Европа со гас, нафта, електрична енергија и останати енергенси.

„Значи, да заклучиме, господине Анѓушев, не можете да држите „две лубеници под една мишка“. Имате сериозен конфликт на интереси и ве повикуваме да нé бидете арогантен, да нé одговарате дрско на прашањата од јавноста и да донесете одлука, согласно етиката за чесен претставник на Владата“, додаде Пренџов.