Балкан

Грција воведува казни до 500 евра за пушење на јавни места

Грција воведува казни до 500 евра за пушење на јавни места

Казни до 500 евра за пушачите и засилени проверки во таверните, рестораните и ноќните барови, воведува Министерството за здравство во Грција, за да ги запре масовните прекршувања на забраната за пушење на јавни места во земјата, објави весникот „Имерисија“.

Властите бараат уште да бидат поставени табли на кои ќе пишува „забрането пушење“ во сите јавни објекти, а исто така да се проверува дали има пепелници на масите во рестораните и дали има на масите насоки за тоа како ќе се прават проверки и како ќе се применува законот при наоѓање на прекршоци .

Кризата во Грција удри по „заколнатите“ пушачи, но забраната за пушење на јавни места се почитува само на хартија. Таверните, баровите и пабовите се целосно задимени и сите пушат без да им е страв од непоправливата штета што ја предизвикуваат цигарите и од примената на законот, што стапи на сила пред две години.

Министерот за здравство инсистира законот да се почитува и повика на дебата за ова прашање, предупредувајќи дека е можно да биде зголемена акцизата на цигарите.

Кризата ги притисна пушачите во Грција, чиј број е намален откако земјата западна во тешка финансиска ситуација во 2008 година. Експертите сметаат дека грижата за здравјето и намалените приходи, влијаеле на тоа дел од Грците да се откажат од цигарите. Од почетокот на кризата уживателите на тутунот кај јужниот сосед се намалил од 32 отсто на 16 отсто, но главниот проблем со неприменување на законот останува, пишува весникот „Етнос“.