Груби: Ги дадовме потписите под услов да се исполни платформата!

Демократската унија за интеграција (ДУИ) преку шефот на кабинетот на партискиот лидер Али Ахмети, Артан Груби потврди дека потписите им се дадени на Зоран Заев и СДСМ само со услов за исполнување на Тиранската платформа и одобрување на Законот за јазиците.

Артан Груби во дебатната емисија „Клик Плус“ на ТВ 21 во вторникот рече дека со самото излегување на 29-ти јануари и кажувањето НЕ на ВМРО-ДПМНЕ, изјавиле дека немаат хипотеки ни со едната, ни со другата страна.

Ги дадовме потписите само со услов да ги исполнат точките на заедничката Декларација и Законот за употреба на јазиците, рече Груби.

Тој додаде дека не дискутирале за делење на министерски позиции, бидејќи како што нагласува, тоа не било посебно важно за нив.

За нас е важно да се одобри Законот за јазиците, да се исполнат точките од Платформата, категоричен е Груби.

Ваквата изјава на Груби кореспондира со изјавата на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кој на 23-ти февруари при посетата на Сараево изјави дека најзначајните прашања, меѓу кои платформата на албанските политички партии и Законот за употреба на јазиците се усогласени.

„Најзначајните прашања, а тоа се идната владина програма, платформата на социјалдемократите, платформата на албанските политички партии, законот за употреба на јазиците се усогласени. Тоа беа суштествените работи, останува да седнеме со претседателите на другите партии да се договориме за ресорите, за кадрите во делот на Владата и верувам дека за некои 10-15 дена Македонија ќе има нова Влада предводена од Социјалдемократите“, изјави Заев уште пред повеќе од еден месец, за сега и тој и СДСМ да излегуваат со смешни тврдења дека платформа на албанските партии воопшто не постоела, што само дополнително го навлекоа гневот на македонските граѓани.

Поранешната пратеничка од СДСМ, Солза Грчева вели дека клучно прашање е кому му оди во интерес таа платформа. Таа додава дека евидентна трага од таа платформа пред изборите немало и граѓаните не знаеле дека гласаат за вакво нешто.

Верувам дека и изборните резултати ќе беа поинакви. Пазете, поради таа платформа имате луѓе кои што се незадоволни исто така и во СДСМ, но и во ВМРО-ДПМНЕ. Мислам дека оние луѓе кои што се излезени на улица не се исклучиво по партиска директива на ВМРО-ДПМНЕ, мислам дека има и разочарани луѓе, изјави Грчева.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.