Груби: Прекинот на пописот беше неопходен, а за тоа одлучи Собранието

Пописот не е пропаднат, туку неговото прекинување беше неопходно и одлуката за тоа е донесена во Собранието, а по предлог на Владата, изјави во четвртокот пратеникот на ДУИ, Артан Груби, во врска со прес- конференцијата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) на која беше објавено дека се отвора истрага за нереализираниот попис во 2011 година, а за која се осомничени дека Буџетот го оштетиле тогашниот премиер Никола Груевски и челникот на ДУИ, Али Ахмети, дека влијаеле на прекинот како партиски лидери

Груби вели дека како член на пописната комисија, лично бил сведок на непропорционалното имплементирање на методологијата за попишување на населението, посебно од државниот завод за статистика.

„Во 2011 бев член на Државната пописна комисија и бев сведок на сето тоа што се случуваше таму и на непропорционалното имплементирање на методологијата за попишување на населението, посебно од Државниот завод за статистика, како и пописната комисија на терен и на централно ниво. Пописот не е пропаднат, туку е прекинат со одлука на Собранието и со волјата на пратениците избрани од народот. По предлог на Владата, пратениците изгласаа закон за прекин на пописот, тоа е процесот, така се случи, тоа беше направено пред очите на целата јавност во 2011 година“, рече Груби.

Изјавата на пратеникот на ДУИ, дојде откако беше соопштено дека се отвора прва острага за лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Според обвинението на СЈО, Ахмети и Груевски се осомничени дека договориле прекин на пописот, со што буџетот бил оштетен за над 170 милиони денари. Една од главните теми и на Централно претседателство на ДУИ се очекува да биде и одлуката на СЈО за отворање на истрага за пописот.

Од друга страна, главната специјална обвинителка Катица Јанева во интервју за ТВ24 вели дека доколку предметот дојде до судница, од неколкуте „бомби“, односно нелегално прислушуваните телефонски разговори, јасно ќе се слушне дека тогашните коалиционери Груевски и Ахмети со умисла го прекинале пописот. Јанева тврди дека двајцата биле свесни и дека ќе има штета од речиси три милиони евра, а тоа се содржело наводно у во еден разговор, кој не бил меѓу двајцата главни осомничени.

„Тоа сите ќе го слушнеме во судница, има таков разговро, не е меѓу Ахмети и Груевски, зошто таква комуникација имаме, но е преку одредени телефони за одредени други кривични истраги. Двајцата разговараат со други нивни соговорници на кои раскажуваат како се договориле двајцата“, вели Јанева.